Бараме можност како поедноставно и пофлексибилно компаниите да ги задржат своите вработени иако имаат пад на приходите. Се бориме да го држиме Буетот во добра кондиција, но од друга страна и да му помогнеме на стопанството со кое градиме партнерски однос – со коморите, правните, физички лица. Не очекуваме дека ќе оствариме 100 отсто наплата, ниту дека планот ќе биде 90 проценти остварен. Но, штом имаме континуирани јавувања на даночните обврзници, очекуваме дека и од другата страна постои заложба, од страна на фирмите, и дека заеднички ќе успееме да ја добиеме битката со коронавирусот од економски аспект, рече директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.
Во вечерашното гостување на „Вин – вин”, Лукаревска напомена дека сега, во овој сензитивен период, за добра наплата е многу битно тоа што УЈП не применува присилни методи. Има компании, рече, кои од Управата побарале да им се одложат контролите со образложение дека не можат да издржат. Инспекциите не одат на терен да вршат проверки иако се знае дека некои бутици или продавници на храна не издаваат фискални сметки што значи и дека данокот не се плаќа. Тоа, посочи Лукаревска, можеби звучи минорно, но во актуелната приказна е значајно зашто од ДДВ-то најмногу се полни Буџетот.
-Сакаме да им излеземе во пресрет на компаниите, не сакаме да запленуваме имот. Присилна наплата нема. Буквално никако не постапуваме. Но, подготвуваме уредба во која сакаме да ги наведеме сите олеснителни околности во делот на присилната наплата. Делуваме и привентивно и партнерски, за да му помогнеме на стопанството, рече Лукаревска, потсетувајќи дека каматата за ненавремено плаќање на даночните долгови е намалена од 0,03 на 0,015 проценти.
Според директорката, во однос на реализацијата на наплатата, треба да се почека последниот ден од април. Притоа треба да се има предвид дека повратот е скоро 51 отсто.
-До крајот на април не можеме да знаеме дали од оптимизам ќе влеземе во песимизам. Треба да се анализира каде има драстични потфрлања. Треба да се слушнат и предлозите на коморите. Не знам колку во овој период можеме да калкулираме со похрабри одлуки од овие што ги носиме. Генерално, ги користиме скоро истите мерки како на земјите во регионот. По сугестија на коморите, се размислува да се намали периодот на враќање на повратот, но, ќе повторам, најбитниот момент за добра наплата е што УЈП не спроведува присилна наплата, напомена Лукаревска.
Додаде дека со голема сензитивност УЈП отстапува и кон јавните претпријатија. Детално се разговара со сите должници за да се изменаџираат нивните обврски спрема УЈП и притоа да се има еднаков третман како кон приватниот сектор.
Лукаревска истакна и дека иако до 25 април се поднесуваат ДДВ пријавите, повторно ќе се направи одложување за да им се излезе во пресрет и на сметководителите.