Драма се случувала вчера во скопското село Петровец, каде двајца мажи и една жена завршиле со повреди по расправија.
Имено, 39-годишен маж со иницијали Е.Л, кој бил повреден, во полицијата пријавил дека во селото Петровец се расправале со 19-годишниот Х.С., кој со пиштол му пукал во ногата.
Сепак, кога полициските службеници излегле на терен во селото, го пронашле Х.С., со повреда на главата од тап предмет. Тој, пак, пред полицијата изјавил дека бил нападнат од Е.Л., кој потоа сам си пукал во ногата.
Повредена е и неговата сестра, но и за неа, од полицијата велат дека не е познато како се здобила со повредите.
На тројцата им била укажана лекарска помош во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од МВР информираат дека по увидот, за настанот е известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.