Трамп: САД немаат најмногу жртви од коронавирусот, нешто чудно се случува со податоците од Кина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „,многу чудни работи се случуваат” во врска со потеклото на коронавирусот, и објасни дека е уверен дека Кина има поголем број жртви отколку што тоа го покажуваат официјалните податоци.

Трамп порача дека неговата влада се обидува да утврди дали вирусот потекнал од лабораторија во Кина.

-Многу чудни нешта се случуваат, но во тек се и многу истраги и ние ќе дознаеме, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа, откако „Фокс њуз’ изнасе тврдење дека вирусот потекнал од лабораторија во Вухан, пренесоа британските медиуми.

Американскиот претседател под сомнеж ја доведе и бројката  на умрени од пандемијата во Кина, што официјален Пекинг вчера ја смени.

Пекинг соопшти дека 1.300 лица, кои умреле од последиците на коронавирусот во Вухан, не биле пресметани во официјалните податоци, но и ги отфрли обвинувањата дека станува збор за манипулација со бројот на жтвите.

Од друга страна, Трамп е уверен дека сигурно повеќе лица умреле во Кина отколку во САД, земјата која во моментов е жариште на пандемијата со повеќе од 700.000 заразени и повеќе од 37.000 умрени.

-Ние немаме најголем број жртви во светот. Најмногу во светот мора да има во Кина. Тоа е огромна земја. Мина низ огромен проблем и со овој огромен проблем сигурно има најмногу, рече Трамп.

Треба да знаете
Последни објави