Олеснување на рестриктивните мерки по први мај најавија денеска техничкиот премиер, Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче.
Спасовски кажа дека се прави сериозен план во насока на тоа на кој начин после 1 Мај да се почне со олеснување на дел од мерките, а кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала.
Премиерот оцени дека мерките за физичко дистанцирање даваат резултати, а тука ги посочи одлуките за неработење на училиштата, градинките, дел од компаниите, угостителството и туризмот. Спасовски рече дека ова не е време за профит, туку сите треба да бидеме насочени кон успешно справување со состојбата.
На ублажувањето на рестриктивните мерки на онлајн-видео сесијата се осврна и министерот за здравство, Венко Филипче. Тој оцени дека владините мерки биле донесени навремено, па затоа очекува бројот на новозаболени со ковид-19 да почне да се намалува на почетокот на мај. Тогаш, како што кажа Филипче, се очекува и ублажување на рестриктивните мерки.