Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, министерката за финансии, Нина Ангеловска, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство, Николче Бабовски, денеска одржаа прес-конференција во врска со исплатата на субвенциите за тутун од реколта 2019.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на 19.050 тутунопроизводители, денеска исплати над 30 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун во регистрирани откупни претпријатија за реколта 2019. Поради вонредната состојба предизвикана од КОВИД-19 и придонес кон заштита на јавното здравје Агенцијата, министерствата за земјоделство, за финансии, за одбрана и за внатрешни работи како и Народната банка подготвија соодветен модел за начинот на подигнување на парите, се со цел да не се создадат дополнителни гужви во сите филијали на банките.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, информира дека субвенциите се веќе исплатени на сметките на корисниците, и апелираше до тутунопроизводителите да се придржуваат кон начинот на подигнување на парите.
„Подигнување на субвенциите за тутунот ќе се одвива во четири последователни денови започнувајќи од 21 април, вторник, заклучно со 24 април, петок. За секој од овие четири денови е направен распоред на исплата според азбучен ред на презимињата на физичките лица тутунопроизводители и на правните лица. Оние тутунари кои сакаат да подигнат готовина од банкомат, ќе можат да го сторат тоа и во понеделник од 16 до 23 часот, за што Министерството за внатрешни работи ќе има список според азбучниот ред“, истакна Димковски.
Можност за вадење готовина од банкоматите корисниците ќе имаат и од вторник до петок до 18 часот и покрај полицискиот час, во договор со Министерството за внатрешни работи кои ќе имаат списоци.
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, изјави дека подигнувањето на субвенциите од шалтерите на банките ќе се реализира по азбучен ред.
„Сите корисници на финансиска поддршка за тутунот кои немаат платежни картички а презимињата им почнуваат со буквите: А, Б, В, Г и Д, средствата од шалтер во банката ќе може да ги подигнат во вторник 21 април. На 22 април (среда), се исплаќаат субвенциите за тутун за апликантите на кои презимињата им почнуваат со буквите: Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, и К. На 23 април, (четврток), се исплаќаат субвенциите за тутун за апликантите на кои презимињата им почнуваат со буквите: Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, и Р. Во петок се исплаќаат сите корисници на кои презимињата им почнуваат со буквите: С, Т, Ќ У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш“, рече директорот на АФПЗРР, Бабовски.
Министерката за финансии Ангеловска истакна дека средствата се веќе легнати на сметките на корисниците. Таа посочи дека за да се дисперзира ризикот и гужвата, банките во градовите каде се најголем број од корисниците на субвенции за тутунот, ќе работат со продолжено време, односно од 8 часот до 17 часот. Така сите експозитури на НЛБ банка во градовите Прилеп, Битола, Радовиш, Велес, Струмица, Кочани, Кавадарци и Неготино ќе работат тие денови до 17 часот. Воедно банката нема да наплаќа провизија за вадење средства преку банкомати на други банки. Експозитурите на Стопанска банка ќе работат до 17 часот во Прилеп, Битола, Радовиш и Струмица.
„Ќе апелирам, и во редовни, а посебно во овие услови, плаќањето со картичка е многу побезбедно, отколку плаќањето со банкноти. Потсетете се дека банкнотите поминале низ стотици, илјадници раце, а со картичката ракувате само вие. Ќе споменам и дека веќе се подготвувавме со Народната банка и банките за исплата на пензиите, кои опфаќаат 20 пати повеќе граѓани отколку исплатата на субвенции кај тутунарите. Оваа поголема исплата е планирана за последната недела од април и исто така ќе се систематизира и дисперзира, со цел да се заштити здравјето на граѓаните“, рече Ангеловска.
Тутунот е наша стратешка извозно ориентирана гранка и во изминатите две и пол години бележи стабилно и одржливо производство. Тоа се должи на владините политики за оваа гранка, пред сѐ на новиот модел за повисоки субвенции за тутунот, според кој за прва класа субвенцијата е 80 денари за килограм, за втора 70 ден и за трета и дополнителните класи 60 ден за килограм.
Оваа Влада покажа што значи вистинска грижа за целиот сектор земјоделство, преку секоја преземена мерка во интерес на земјоделците. Владата и понатаму ќе продолжи да креира поволна клима и услови за развој на агросекторот.