Гутереш ги повика државите да ги поддржат зелените политики

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги повика владите решeнијата за економскиот пад предизвикан од пандемијата на коронавирусот да ги насочат во борба против климатските промени што е горлив проблем, пренесува Хина.

Додека глобалната економија води битка меѓу инвеститорите кои бараат зелени стимулации од една страна и лобистите кои сакаат да ги ослабат регулативите за животната средина, од друга страна, Гутереш ги повикува владите да не даваат финансиска помош за оние индустрии кои силно ја загадуваат планетата.

„На овој Ден на планетата Земја сите очи се вперени на пандемијата на „Ковид-19“, најголемиот испит што светот го видел од Втората светска војна“, рече поранешниот португалски премиер во пресрет на денот, кој ќе се обележи по 50-ти пат.

„Но, постои уште една, подлабока вонредна состојба, а тоа е тековната еколошка криза на планетата“, предупреди тој.

„Јавните средства треба да се користат за иднината, а не за минатото и да одат во одржливи сектори и проекти кои помагаат на животната средина и климата“, заклучи Гутереш.

Треба да знаете
Последни објави