Работната група против забраната за движење во шума со над 1.100 членки – организации и физички лица денеска соопшти дека испратила писмени реакции до Владата и министерствата за земјоделство и за внатрешни работи со кои бара укинување на оваа мерка.
Во тек е, како што информира Работната група, и петиција против мерката, која ја имаат потпишано над 5.300 лица.
Планинарите и рекреативците бараат и средба со министерот за земјоделство и со претставник од ЈП „Национални шуми”, како и од Министерството за внатрешни работи во најкус можен рок
Според нив, во контекст на мерките против вирусот, дополнителни забрани за движење и рекреација се спротивни на препораките за здравје од СЗО. Забраната за движење во шума и рекреативни места е кршење на човековото право на слободно движење и кршење на уставно право на граѓаните.
-Бараме отчет врз база на која анализа, индикатори и аргументација се донесе мерката, без консултативен процес со засегнати страни – граѓаните, на тотално недемократски и авторитарен начин. Сметаме дека оваа мерка не е целисходна – се објавува во период кога голем дел од планинските и шумските предели се уште се под снежна покривка или се со влажна почва од неодамнешните врнежи, а временските прилики не сугерираат поволни услови за ширење пожари. Планинарите и рекреативците не се закана за ширење пожари. Целосно е неразумно Владата и институциите да воведуваат дополнителни отежнувачки мерки кои крајно негативно ќе влијаат на психофизичката состојба на значителен дел од популацијата, укинувајќи ги сите опции за разумно и одговорно изложување на сончевите зраци и благотворното дејство на кислородот и чистиот воздух, наведува Работната група.
Додава и дека на прес-конференцијата што ја одржа Министерството за земјоделство на 18 април 2020, мерката за забрана била делумно објаснета, а суштинските прашања и информации останале неразјаснети и недефинирани, особено прашањето зошто под изговор за пожари во влажен годишен период, рестрикцијата се префрла на грбот на планинарите и рекреативците кои се љубители на природата.
-На прес конференцијата во Владата на 18 април 2020 од страна од страна на министерот за земјоделство беше појаснето дека мерката значи делумна забрана т.е. делумно ограничување на движењето. Тој спомна дека се однесува на шумите кои ги стопанисува ЈП Национални шуми, а тоа се 90 отсто од шумите во државата. Спомна дека забраната не се однесува на заштитени подрачја, парк-шуми, излетнички места и националните паркови. Нема објавено никаде точна инфромација со дистинкција кои планински подрачја спаѓаат под Национални шуми, а кои не.
Сметаат дека како сериозна Влада која треба да работи во интерес на граѓаните и своите политики да ги базира во функција на благосостојбата на граѓаните, треба да има координиран пристап меѓу државните органи, а не поединечни министерства да носат на своја рака вакви изолирани, авторитарни и контрапродуктивни одлуки. -Гледаме дека и во услови на полициски час, со важечката Забрана за движење во шуми, повторно се палат пожари и се врши дива сеча на дрва што само укажува на неефикасноста на мерката, дополнува Работната група.
Во дописот до МВР Работната група реагира „на забранувањето пристап до парк-шумите, заканите и претењето за кривично гонење на планинарите и рекреативците во период од 5:00-16:00 часот од понеделник до петок, во услови кога рекреативците се совесни и не ги кршат мерките за ограничено движење на Владата”.
-Во услови на и онака крајно лимитирано движење, целосно е неразумно Министерството за внатрешни работи на своја рака да воведуваат дополнителни отежнувачки мерки кои крајно негативно ќе влијаат на психофизичката состојба на значителен дел од популацијата, укинувајќи ги сите опции за разумно и одговорно изложување на сончевите зрази и благотворното дејство на кислородот и чистиот воздух. Препорака на Светската здравствена организација е државите да носат мерки кои нема да бидат контраиндицирани со психофизичкото здравје на популацијата, кое е клучно за зачувување на имунитетот. Ве информираме дека во изминатиов период бројни беа случаите на непрофесионално однесување на полициските служби, спротивно на мерките на Владата, посочува Работната група.
Во трите дописи, до Владата, МВР и Министерството за земјоделство, Работната група се повикува на Универзалната декларација за правата на човекот, на Уставот, како и на препораките од СЗО во врска со коронавирусот.
На 23-та седница на Владата оджана на 19 март 2020 беше донесена мерка со која се забранува пристап на лица и возила во парк-шумата Водно секој ден од 18:00 часот до 6:00 часот. Полицијата се задолжи да го ограничи пристапот. Со новата мерка за проширување на полицискиот час, забраната за движење се ограничи дополнително од 16:00 часот до 5:00 часот и за време на викенд. Со дополнителна одлука беше уредено дека се забранува движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, на 16 април 2020 објави одлука за воведување забрана за движење во шума и шумско земјиште од 6 до 20 часот, која стапи на сила на 17 април.
-Со тоа практично ни се забрани секакво рекреирање на планина – пешки или со велосипеди во 90 отсто од шумските предели кои се под ингеренции на ЈП Национални шуми, реагира Работната група.