Трејси Мегвајер се сеќава на моментот кога лекарите ставале брис во носот на нејзиното бебе старо само три недели за да го тестираат за коронавирус.
Таа вели дека тоа било една од највознемирувачките работи кои ги видела во животот.
„Ова беше прв пат кога го видов моето бебе како плаче“, раскажува Мегвајер.
„Ја држев, плачев и сакавме само што е можно поскоро да заврши“, додава таа.
Малата Пејтон се родила осум недели предвреме и тежела само еден и пол килограм. Лекарите, по рутинскиот преглед, се загрижиле дека Трејси можеби има здравствени проблеми и ги испратиле нејзе и бебето во болницата Вишов во Ланаркшир за дополнителни тестови. Набрзо било откриено дека бебето е заразено со коронавирус, пренесува Би-би-си.
„Ми рекоа дека Пејтон е во ред и не мора премногу да се грижам. Мислам дека лекарот всушност сакаше да ме смири, но јас постојано плачев. Мислев: ‘Колку може да бидедобра кога е толку слаба и ситна, како може да се бори против овој вирус?“, раскажува мајката.
Малата Пејтон добила стероиди за да и зајакнат белите дробови, а на нејзината мајка и’ било кажано дека поради царскиот рез, мора да оди дома на 14 дена и да се изолира од своето бебе.
„Ги молев докторите по телефон да ме остават да бидам со неа. Колку и да внимаваа сите на неа, јас сепак сум нејзината мајка. Дури и да имаше само настинка, јас ќе сакав да бидам таму со неа“, објаснува Мегвајер.
Лекарите попуштиле и дозволиле Трејси да остане со Пејтон, но Адријан, таткото на девојчето, морал да оди дома и да биде во изолација.
Како што минувале деновите, бројот на смртни случаи во Шкотска како резултат на компликации поврзани со коронавирусот се зголемувал, но Пејтон почнала да се опоравува.
Таа и нејзината мајка беа отпуштени од болницата во понеделникот.