– Зголемувањето на акцизата на горивата е времена мерка која ќе се применува за време на вонредната состојба и седум месеци потоа. Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берзи. Односно во вонредна состојба на сегашната акциза ќе се наплаќаат дополнително три денари, два денари или нула денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи, истакнува министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за МИА.
Потенцира дека не се планира зголемување на други давачки, а дека приходите во Буџетот од почетокот на април до средината на месецот во споредба со истиот период лани, се помали за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите за 20,1 отст. Реализацијата, вели, во април е во рамки на првото од трите сценарија, односно поповолното.
За растот на економијата годинава посочува дека во Министерството за финансии се следи ситуацијата, се подготвуваат новите проекции, кои, како што рече, согласно првичните прелиминарни проценки се во линија со проекциите на Меѓународниот монетарен фонд.
Ангеловска наведе дека е започната постапката за издавање на еврообврзница, која,како што рече, се очекува да се финализира на крајот на мај месец.
Со која цел е покачувањето на акцизата, поврзано ли е со буџетските сценарија и дали би дошло до зголемување на некои други давачки или даноци?
-Ова е времено и условено зголемување на акцизата за горива во земјава за три денари за време на вонредната состојба и седум месеци по тоа. Ова е антикризна мерка и во случај на зголемување на цената на нафтата, акцизата ќе се намали или ќе се врати на претходното ниво.
Висината на акцизата ќе биде условена од цената на нафтата на светските берзи. Односно во вонредна состојба на сегашната акциза ќе се наплаќаат дополнително три денари, два денари или 0 денари согласно движењата на цената на нафтата на странските берзи. Согласно уредбата, во случај цената на нафтата да е под 400 долари по тон, средна берзанска цена на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)”, како што е сега, тогаш ќе се пресметуваат дополнителни три денари на постојната акцизата. Ако цената е од 400 до 600 долари за тон, ќе се пресметува два денари покачување на акцизата. Ако пак цената се врати на нивото од над 600 долари од тон, како што беше на почеток на годината, тогаш нема да се пресметува покачување на акцизата, односно ќе биде 0 денари.
Практично ова би значело ако малопродажната цена на горивата се зголеми за 10 денари, на основната акциза ќе се пресметува зголемување од два денари. Ако малопродажната цена на горивата се зголеми за над 20 денари, акцизата ќе се врати на старо, односно ќе се пресметува 0 денари додаток.
Со оглед дека станува збор за времено покачување, кое е уловено од цената на нафтата на светските берзи, ова нема да има ценовни импликации. Од почетокот на годината малопродажната цена е намалена за 20 денари, а согласно светските случувања се уште се намалува. Исто така, треба да се земе предвид времениот карактер и условеноста на акцизата од цената на нафтата на светските берзи. Односно ако таа се зголемува, акцизата ќе се намалува.
Цената на суровата нафта на светските берзи отиде во негатива, односно завчера производителите на нафта им плаќаа по 30 долари од барел на купувачите за да ги преземат количините, кога понудата е повеќекратно поголема од побарувачката. Производителите едноставно немаат каде да ја складираат произведената нафта, а со оглед дека најголем број од летовите се приземјени, движењето секаде низ светот ограничено, побарувачката за нафта и во следниот период ќе остане мала, значително помала од понудата.
Целта на оваа мерка да се намалат ефектите врз буџетот од намалена потрошувачка на нафта и намалување на цената на истата. Во 2019 година во буџетот на Северна Македонија биле наплатени 240 милиони евра по основ на акциза од дизел, безоловен и екстра лесно. Според проектираните сценарија по почетокот на кризата на годишно ниво падот на приходот по основ акциза од овие нафтени деривати при значително намалено ниво на потрошувачка би изнесувал 12 отсто споредено со 2019 година или околу 30 милиони евра со основната цена на акцизата. Со уловното зголемување на акцизите за три денари би се надоместил овој пад и би се постигнало истото ниво од 2019 година, во услови ако ниските цени на нафтените деривати се задржат до крајот на годината. Колкав дел би се надоместил, секако зависи од движењето на цените како што кажав.
Инаку, нашата земја убедливо има најниски цени на нафтени деривати во регионот. Така, ако цената на безоловен еуросупер на 20 април во земјава изнесувал 48 денари литар, во Србија изнесувал 73,23 денари за литар, во Косово 74,6 денари за литар, во Албанија 82,46 денари, Грција 85,54 денари. Значи ова се цени кои се над 50, 60, па и 70 отсто повисоки од кај нас. Само Бугарија во нашето окружување има цена која е поблиску до нашата и таа изнесува 57,85 денари по литар или скоро 10 денари повеќе по литар отколку кај нас.
Исто е и со еуродизелот. Ако кај нас е 45 денари по литар, на Косово е 72,62 денари, Грција 73,23, Србија 78,16 денари, Албанија 82,46 денари. Од окружувањето повторно најблиску до цената е Бугарија со 60,92 денари по литар или за третина повеќе во однос на цената кај нас. Ние имаме убедливо најниска акциза за еуродизелот од сите земји, додека заедно со Босна и со Косово имаме најниски акцизи на еуросуперот.
Во однос на други давачки, не е планирано покачување на давачките. Исто ќе напоменам уште еднаш дека ова е времена и условена мерка – односно ако почне да се качува цената ќе се врати на старо акцизата.
Имаше забелешки зошто не се изедначи акцизата на екстра лесното и до кога ќе се применува оваа мерка?
-Условното и времено покачување на акцизата е антикризнa меркa, која треба да влијае да нема неконтролиран пад на приходите по овој основ, поради падот на потрошувачката и падот на цената на нафта. Решението со три денари еднакво зголемување е предложено за сите деривати, со единствена разлика дека кај екстралесното гориво не е условено од цената, односно останува покачувањето без разлика на движењето, што е всушност и еден чекор кон адресирање на прашањето за екстралесното гориво.
Ова не значи дека не работиме на трајно решение за екстра лесното гориво. Во соработка со Министерството за економија и Царинската управа работиме на предлог решение кое ќе биде издржано и системско. Секако решението на ова прашање е во интерес на животната средина и помало загадување. Сепак, како што кажав се наоѓаме во вонредна состојба и условеното покачување на акцизата за три денари кај нафтените деривати е во форма на анти-кризна мерка во услови кога таа можност е отворена поради големите падови на цената на нафтата, а во насока и интерес на компензирање на падот на приходите по основ акциата од нафтените деривати, како резултат на намалената побарувачка.
Така да ова се две различни прашања и така и треба да ги третираме и да им пристапиме.
За екстра лесното гориво пристапот не е анти-кризна мерка туку системско и долгорочно решение кое вклучува бројни анализи и координација и согласување на сите аспекти со цел да се повлечат правилните одлуки кои ќе го решат ова прашање на долг рок.
Меѓународните институции излегоа со проекции за годинава и предвидениот пад на БДП. Најновата е од ММФ која предвидува пад од четири проценти на македонската економија но предвидува раст од 7 отсто за следната година. Во МФ најавивте дека се прават анализи за проекциите за растот дали веќе се готови и што покажуваат?
-Здравствено-економската криза која сега му се случува на светот е најголемата криза од Големата депресија наваму. Нема земји кои ќе биде поштедени. Речиси сите проекции за економските резултати се со предзнак минус. Се проектира дека светскиот БДП ќе се намали за 3 отсто, на Европската унија за 7,1 отсто, со тоа што кај германската економија се предвидува пад од 7 отсто, исто така. За македонската економија, Меѓународниот монетарен фонд проектира негативен резултат од 4 отсто. Компаративно, со другите земји од регионот, ова е меѓу најмалите потфрлања на регионот – за Босна и Херцеговина, Косово и Албанија проектиран е пад од 5 отсто, за Црна Гора и Хрватска од 9 отсто. Повисок раст се предвидува за 2021 година, кога се очекува светскиот БДП да порасне за 5,8 отсто, европскиот за 4,8 отсто. Во регионот, исто така, проекцијата е дека најголем број економии ќе имаат раст од над 5 отсто, како Србија со 7,5 отсто, Република Северна Македонија со 7 отсто, Бугарија со 6 отсто, Косово со 7,5, Албанија со 8, освен Хрватска за која е проектиран раст од 4,9 и Босна и Херцеговина од 3,5 отсто.
Во Министерството за финансии се следи ситуацијата, се подготвуваат новите проекции, кои согласно првичните прелиминарни проценки се во линија со проекциите на Меѓународниот монетарен фонд. Најголемата контракција се очекува во вториот квартал, потоа значајно помала во третиот и веќе стабилизација и позитивен резултат во четвртиот. Односно, се очекува да се забележи пад, кој ќе биде малку поблаг во однос на окружувањето, благодарение на здравите макроекономски фундаменти, а потоа ќе следи повисок раст следната година за враќање на македонската економија на позитивната траекторија. Мерките кои се преземаат од страна на Владата за амортизирање на ударот од економската криза, кои се во вид на даночни олеснувања, ликвидносни инјекции и меки мерки за помош на стопанството и граѓаните, ќе придонесат кон подобрување на економскиот исход и побрзо опоравување, исто така.
Неодамна објавите три сценарија за справување со последиците од коронавирусот во економијата. Веќе првиот месец од вториот квартал изминува, во кој се очекува и најголемиот удар. Според досегашните податоци со кои располагате кое од овие сценарија би се случило?
– Април и мај се месеците во кои се очекува најголемиот удар, односно најслаби резултати во поглед на наплатата на приходите, согласно успорената економска активност. Каква е сега ситуацијата? – Ако се спореди периодот од почетокот на месец април до средината на април, со истиот период минатата година, наплатата на вкупните приходи е помала за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите за 20,1 отсто помала наплата. Реализацијата во април е во рамки на првото од трите сценарија, односно поповолното, иако главно проекциите за реализацијата на приходите во трите сценарија се слични со оглед дека во сите се предвидува најголемиот удар да е во вториот квартал. Дали ќе се случи најповолното сценарио, или средното сценарио, зависи пред се од она што ќе се случува по април, односно главно што ќе се случува во третиот квартал, периодот за опоравување – колку работите брзо ќе се враќаат во нормала. За таа цел ќе се креираат и нови мерки, ќе се преземат нови активности за да економијата брзо се врати на патеката на раст.
Какви се приходите во Буџетот?
-Од почетокот на годината до средината на април падот на вкупните приходи е 3,1 отсто во однос на минатата година за истиот период, со 6,9 отсто пад на даночните приходи и кумулативен раст на придонесите од 10,4 отсто.
Расходната страна пак, е во рамки на проекциите, но направени се значајни прераспределби помеѓу буџетските корисници и кратење на средствата кај скоро сите буџетски корисници, во насока на рационализација на средства скратени се платите на функционерите, трошоци за набавка на стоки и услуги, како и капитални расходи и други трошоци кои не се во функција на борбата против Covid-19. Средствата од овие кратења ќе се усмерат кон првиот и втoприот пакет на мерки за помош на стопанството и граѓаните кои се соочуваат со последици од здравствено-економската криза.
За финансирање на дефицитот и ликвидносните потреби добиени се 176 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд. Во тек на следниот месец се очекува да се добијат и околу 140 милиони евра преку Светска банка, како и средства од фондовите на Европската унија за надминување на кризата. Минатата недела испративме формлано барање за користење на инструметот за макро-финансиска стабилност од ЕУ. Денеска Европската комисија официјално ја соопшти веста за пакетот за макро-финансиска стабилност од 3 милијарди евра, а согласно премилинарната анализа на Република Северна Македонија ќе и бидат ставени на располагање 160 милиони евра. Исто така, ја започнавме постапката за издавање на еврообврзница, која се очекува да се финализира на крајот на мај месец.