Словенечките доктори објавија дека засега немаат потврден случај на лице заразено со коронавирусот во масовното експериментално тестирање на граѓаните.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, со теренските проверки засега опфатиле 200 од планираните 3.000 граѓани, а целта е да се добие реална слика за раширеноста на коронавирусот во земјата.
Мирослав Петровец од Институтот за микробиологија и имунологија изјави дека засега немаат откриено позитивен случај во големиот експеримент кој започна во понеделникот.
Инаку, според планот предвидено е до петок да се тестираат вкупно 3.000 граѓани по случаен избор, односно по десет од сите 300 општини во земјата. Списокот за тестирање го направи Државниот завод за статистика, а ќе бидат опфатени здрави особи без разлика на полот и возраста.