Секој кој бара стоматолошка услуга, апсолутно треба да ја добие. Стоматолошката клиника е отворена 24 часа. Таму има дежурна екипа, и донесена е одлука секој пациент кој има итна потреба мора да биде примен во ординацијата, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој на прашање дали е точно дека денталните ординации, за време на коронавирусот не поправаат заби туку даваат само инекции за смирување на болки, појасни дека тоа не смее да биде така и оти ќе зборува со Државниот санитарен и здравствен инспекторат оваа работа да се провери.
– Секој пациент кој има итна потреба мора да биде примен во ординација и таа да биде санирана. Не да се дадат лекови туку да се направи стоматолошка интервенција. Во еден момент на почетокот на овој проблем со поголем број на пациенти, согласно барањето на стоматолозите поради тоа што тие се една од најизложените струки за пренос на вирусот, поради тоа што се работи во оралната празнина, ги донесовме овие мерки. Меѓутоа планираме како следни чекори, како дел од Комисијата за заразни болести да се модифицира и оваа мерка, рече Филипче
Прашан дали има некој заболен од МПЦ или ИВЗ, министерот рече дека засега нема таква информација.
-Немам информации дека некој е заболен од Исламската верска заедница или од МПЦ. Имаше информации за манастирот Бигорски, меѓутоа уште во времето кога се воведе кризната состојба во Дебар, тогаш веќе имаа неколку луѓе кои имаа горнореспираторни симптоми од манастирот, пративме екипа, се направи тестирање на тие на кои беше индицирано и и кај никого не беше дијагностициран ковид вирусот. Од тогаш конкретна информација за некој од овие институции, јас лично немам, одговори Филипче.