Почна судењето во Основниот суд во Штип за двајцата штипјани кои во јануари тепале девојка во влез на станбена зграда. Двајцата се товарат за сторено кривично дело „насилство” со што казната може да се движи од шест месеци до пет години затвор. Момчињата на возраст од 23 и 26 години утринава со комбе од Истражниот затвор од Куманово пристигнаа во Штипскиот основен суд. Адвокатот Валентин Зафиров,бранител на едно од момчињата, пред да почне судењето изјави дека очекува фер судење. Тој нагласи дека заради посебните мерки против ширењето на коронавирусот не можел да оствари контакт со својот клиент во затворот во Куманово, бидејќи бил во самоизолација со што не можел да изгради комплетна стратегија.
– Судиите да не потпаднат под атмосферата што се создаде во јавноста, да ги ценат правилно околностите, да го ценат ЗКП, така да постапуваат и да донесат соодветна одлука, вели Зафиров.
Инаку, момчињата насилството го снимале на мобилен телефон, а снимката на социјалните мрежи беше објавена на 2 април по што молскавично се ширеше на социјалните мрежи. Во изминатиот период со жртвата, 21-годишната девојка, работеа, а и поддршка доби од стручните тимови на Центарот за социјални работи Штип и невладината ЕХО.