Повеќе од 500 храбри доброволци го почнаа процесот на примање на првите дози како дел од напорите на Велика Британија за создавање вакцина за Ковид-19 чии клинички испитувања почнаа денеска, пренесува РТ.
Вакцината е развиена од тимови на институтот „Џенер“ на универзитетот во Оксфорд и Групацијата за вакцини во Оксфорд, а работата почнала уште во јануари. Оваа куса временска рамка доведе до тоа некои да покренат прашања за неверојатната брзина со која е развиена потенцијалната вакцина.
Вкупно 510 здрави доброволци на возраст меѓу 18 и 55 години ќе учествуваат на клиничките испитувања, а Британија им се придружува со тоа на САД и на Кина во тестирањето кај луѓе. Една германска компанија за биотехника, исто така, доби одобрение за забрзано тестирање.
Посебна група истражувачи од „Империјал колеџ“ во Лондон тестираат уште еден потенцијален кандидат за вакцина кај животни уште од почетокот на февруари. Клиничките испитувања се очекува да почнат во јуни, а истражувачите велат дека за брзината на процесот им помогнале многу кинеските здравствени службеници кои ги споделувале своите податоци за инфекцијата.
И покрај овие случувања, Главниот медицински директор на Англија, Крис Вити во средата изјави дека веројатноста за вакцина против коронавирус во следната календарска година е неверојатно мала.