Рестриктивните мерки во Грција со кои се ограничува слободното движење на граѓаните, се продолжуваат за една седмица, односно наместо до 27 април, во сила ќе бидат до 4 мај, соопшти портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Пецас објасни дека намерата на владата е по 4 мај, да се укине обврската на граѓаните да праќаат смс порака или со себе да го имаат потребниот документ за да излезат од дома, но комплетниот план за постепено и организирано враќање во нормала ќе го соопшти грчкиот Премиер.
-На почетокот на следната седмица, Премиерот Кирјакос Мицотакис ќе им се обрати на Грците за да го претстави конкретниот план на Владата. Односно, рамката во која ќе се движиме во следниот период. Како што имаме кажано, префрлувањето во нова нормала ќе биде бавно, ќе се развива во последователни фази, последователно во мај и јуни. Во секоја фаза, ќе се оценуваат влијанијата врз здравјето на населението и ќе се движиме напред седмица по седмица, објасни Пецас и додаде дека и во тој период, основен елемент на обидите на владата ќе биде „навременото и точно информирање, за да не се остави простор за fake news и дезинформации”.
Портпаролот на грчката Влада објасни дека за олабавувањето на мерките, за временскиот период, за отворањето на училиштата – дали тоа ќе биде хиерархиски, ќе зависи од препораките и упатствата на експертите.
Истакна дека ранливите групи граѓани и старите лица ќе биде потребно да се заштитат поголем временски период и хиерархиски ќе бидат во последните фази.
Грчкиот премиер за време на денешниот Самит на ЕУ, како што објасни Пецас, ќе се фокусира на единствениот европски пазар изграден на четирите основни слободи: слобода на движење на луѓе, добра, услуги и капитал, за кои пандемијата наметна привремени мерки што отстапуваат од оваа рамка, а кои што се „неопходни за одново почнување на економијата во сите земји членки”.
-Не може, на пример да се продаваат само компјутери, автомобили или облека, а да не се преземат урамнотежени мерки за нормализирање на транспортот, нешто што е предуслов за движење на луѓето во рамките на единствениот европски пазар, истакна Пецас.
Тој додаде дека за четирите слободи не се преговара, туку тие се јадрото на единствениот пазар, а тоа се однесува и на туризмот, односно слободното движење на луѓето и „затоа треба да има соодветна грижа”. Бидејќи, како што објасни, мора да постои рамка дека не е во опасност здравјето на оној што слободно се движи со воз, авион, брод.