Шефот на дипломатијата Никола Димитров излезе со реакција на денешната изјава на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, во која тој тврди дека Владата крие документ од јавноста, со кој Бугарија отворено го условува за датумот за преговори.
-Александар Николовски е политичарот кој од среде Собрание, за проектот Скопје 2014, со цел ум рече: “Ние сега првпат градиме македонски идентитет…Деновиве, со тактика на политички “лешинар”, небаре се радува и едвај чека да има лоши вести, токму истиот тој Николовски е повторно гласен во врска со Изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март, напиша Димитров на неговиот Фејсбук статус.
Додава дека Николовски со ваквите тврдења покажува дека нема разбирање за начинот на кој функционира светот на дипломатијата, додавајќи дека станува збор за унилатерална толкувачка изјава.
-Се разбира, можно е Николовски толку и да разбира како функционира светот на дипломатијата, па да не знае дека во случајов станува збор за стриктно унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ – Бугарија, во која впрочем е јасно наведено дека тоа е видување на Бугарија (на на ЕУ!). Документ што самата Европска унија не го објави во пакетот со заклучоците. Притоа, оваа изјава нема никаков правен ефект врз содржината и опсегот на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, напиша шефот на дипломатијата.
-Она што згрозува не е незнаењето или неукоста, туку подмолноста на протагонистот на политикантството кој внимавајте – додека наводно повикува на национално единство, прави се за тоа да го оневозможи.
Таргет нему не му се авторите на анахроните позиции што се косат со европските вредности (друга држава) туку Заев и јас. Истури едно чудо валканици и груби невистини за тема што должно бара највисока одговорност – македонскиот идентитет, наведува Димитров.
Додава дека тезата на Николовски е директно спротивна на самиот Нимиц, кој неодамна, како што истакна, „јавно ја резимираше нашата најважна национална цел целосно остварена преку Преспанскиот договор и правото на самоопределување на македонскиот народ: глобално прифаќање на идентитетот на народот … дека тие се Македонци кои говорат македонски јазик”.
Значи лично Нимиц, оној под чие медијаторство се водеше процесот, оној кој имал директен и непристрасен увид, читајќи го Договорот вели: Успеавте, вие сте Македонци кои зборуваат македонски јазик!
-Не очекував дека “загрижениот” за едниството Николовски јавно ќе го прегрне ставот на Нимиц, ама да се дрзне додека мастилото на тој есеј на медијаторот е се уште свежо да зборува за „бришење на македонскиот јазик и народ” е навистина грозно. Поевтино и поштетно политикантство не може да се замисли, напиша Димитров.
Шефот на дипломатијата истакнува дека партијата на Николовски е таа што го бојкотираше референдумот и ден денес е против Преспанскиот договор.
-Истиот што е правна основа за конечно заокружување на постапката за членство на Северна Македонија во ОН и бришење на референцата поранешна Југословенска Република Македонија, која беше пролонгирана четврт век врз основа на две резолуции на Советот за безбедност на ОН од 1993 година. Истиот договор што нашиот јазик го етаблира како македонски јазик во меѓународните односи.
Толку ли боли ова да се признае? Како член на Здружението можеби ви е тешко, ама како Македонец? Понатаму, врз основа на принципот на еднаквост и суверени права на државите нашата лична карта во номенклатурата на ОН (вклучувајќи го и македонскиот јазик) се глобална референца што никој, освен ние самите не може да ја смени. Истиот договор што овозможи долгорочно да си ја зајакнеме безбедноста и државноста преку членството во НАТО и што овозможи да добиеме одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Притоа прави грда и штетна збрка меѓу државјанството, дефинирано во член 1 како македонско/граѓани на Северна Македонија од една страна и националноста односно народот, наведени во член 7 како македонски, напиша Димитров.
Шефот на дипломатијата во својот Фејсбук статус дополни дека партијата на Николовски беше и против Договорот за пријателство со Бугарија, кој поставува правна рамка каде македонскиот јазик и бугарскиот јазик се во целосно еднаква позиција.
-Договор што во членот 14 не дава простор за менување на правата и обврските на двете страни кои произлегуваат од други договори, вклучувајќи ги и меѓународните инструменти за човекови и малцински права, додаде Димитров.
-Идентитетот не е само за по дома! Тешкиот историски процес за меѓународно етаблирање на македонскиот идентитет – конечното решавање на македонското прашање – нужно бара соочување со предизвиците со соседите. И тоа се процеси кои траат. Тие не се нови, иако долго време беа под килим и беше инвестирано да останат стуткани таму и да ѕиркаат кога треба да се злоупотребат за политичко профитерство. Е затоа за овие процеси на македонската кауза и требаат луѓе со идеали.
А вие, ако веќе не помагате, аман не одмагајте! Македонскиот народ овој процес ќе го заокружи, со вас или и покрај вас. Ќе напишев изборот е ваш, ама за жал вие изгледа одамна го направивте тој избор.
Ќе не биде! И покрај сите ваши напори да не вратите во дупката на самосожалувањето и улогата на жртва. Ќе излезе македонскиот народ од овој процес како победник. И таа победа ќе биде истовремено и победа на европските соседи. Бидејќи не можете да “победите” ако го поразите соседот, истакнува шефот на дипломатијата.