Синдикатот на пожарникари на Град Скопје реагира на уредбата со која се врши ограничување на исплатата на додатоците на плата за април и мај и бара пожарникарите да бидат изземени од неа.
Во соопштението, Синдикатот наведува дека се свесни за состојбата во која се наоѓа државата, но сметаат дека има несоодветен третман.
– Бараме да ни биде удоволено нашето барање за изземање од оваа одлука и сакаме да знаете дека пожарникарите се големи во срцата и душите и со сите ризици кои ги носи оваа професија ќе ги издржат и ќе бидат и понатаму сервис на граѓаните. Сепак мислиме дека како што припадниците на специјалните единици ”Тигар” и ”Волци” во рамките на МВР и МО интервенираат само во исклучителни ситуации, а нив не ги опфаќа оваа уредба, така и ние треба да бидеме ставени во редот на униформирани интервентни служби и така да бидеме третирани во овој случај, се вели во соопштението.