Од почетокот на пандемијата АЕК не бележи зголемување на барањата за решавање спор од страна на претплатниците, кои се поврзани со квалитетот на услугите, вели во интервју за МИА Сашо Димитријоски, директор на АЕК. Домашни оператори, заинтересирани странски компании и граѓани до 20 месецов, кога истече рокот, доставиле мислења и забелешки до Aгенцијата за електронски комуникации во врска со планираното издавање одобренија за користење радиофреквенции за 5Г-технологијата.
– Сите пристигнати мислења ќе бидат разгледани од стручните служби во AEK и ќе бидат соодветно имплементирани во законската постапка, која е предвидена согласно Законот за електронските комуникации (ЗЕК) за доделување на овие радиофреквенции. Согласно НОБП, тендерската постапка се очекува да започне до крајот на 2020 година. Ќе се сублимираат пристигнатите мислења и заедно со постојната регулатива во Македонија, која е на иста линија со европската, ќе се пропишат условите што ќе бидат наведени како барања, кои операторите што ќе добијат одобренија ќе треба да ги исполнат, појаснува Димитријоски.
И покрај значителното намалување на цените на сите услуги за роаминг во Западен Балкан цената за пристап до интернет остана релативно висока и за граѓаните поатрактивни останаа алтернативните понуди на операторите, кога за одредена сума претплатникот може да активира роаминг-пакет за податоци.
– Ваквата слика целосно ќе се смени кога од 1 јули 2021 година ќе се воведат регулирани роаминг-услуги по цена на услугите што се нудат на домашниот пазар, вели Димитријоски и нагласува дека натамошната иднина на инцијативата за намалување на цените во роаминг со Грција зависи повеќе од политичката желба на нашиот сосед, а помалку од техничките проблеми и предизвици за негова имплементација.
На 20 април истече рокот до кога до Агенцијата за електронски комуникации операторите можеа да достават мислења и забелешки во врска со издавање одобренија за користење радиофреквенции за 5Г-технологијата. Дали тековната криза се одрази на динамиката на процесот, има ли забелешки и мислења од операторите и кои се следните чекори на АЕК?
– Рокот за поднесување мислења за добивање одобренија за користење радиофреквенции за 5Г најнапред беше предвиден да заврши заклучно со 6.3.2020. По барање на постојните два мрежни оператори од Македонија тој рок беше пролонгиран до 20.4.2020. Заклучно со овој датум до AEK се пристигнати мислења од повеќе заинтересирани страни, и тоа од: оператори во Македонија, граѓани на Македонија и од заинтересирани странски компании. Досега сите чекори се спроведуваат согласно динамиката предвидена со националниот оперативен бродбенд план (НОБП), кој беше усвоен од Владата на Mакедонија на 2.4.2019. Сите пристигнати мислења ќе бидат разгледани од страна на стручните служби во AEK и ќе бидат соодветно имплементирани во законската постапка, која е предвидена согласно Законот за електронските комуникации (ЗЕК) за доделување на овие радиофреквенции. Согласно НОБП, тендерската постапка се очекува да започне до крајот на 2020. Ќе се сублимираат пристигнатите мислења и заедно со постојната регулатива во Македонија, која е на иста линија со европската, ќе се пропишат условите што ќе бидат наведени како барања, кои операторите што ќе добијат одобренија ќе треба да ги исполнат.
Неретко во јавноста има сомнежи и стравувања за штетноста на оваа технологија, а сведоци бевме и на оштетување на опремата што се поставува во Лондон за оваа технологија токму од стравувања за нејзина поврзаност со вирусот. Ставот на АЕК е дека нема штетно влијание, но и покрај тоа има стравувања во јавноста. Кои се вашите аргументи и планови против ваквите стравувања и сомнежи?
– Согласно ЗЕК една од надлежностите на АЕК е да го мери нејонизирачкото зрачење од сите предаватели од кои има емисија на електромагнетни бранови, а секако тоа значи и од базните станици од сите постојни технологии: 2Г, 3Г и 4Г. Ова значи дека и со воведување на 5Г тоа ќе остане обврска на АЕК. До овој момент АЕК спроведе мерење на нејонизирачко зрачење на неколку локации од 5Г тест-мрежата на Македонски телеком за која е издадено привремено одобрение до 31.10.2020 за опсегот 3.6-3.7 Mhz. Мерењето е спроведено во сценарио на максимална иззрачена енергија и резултатите покажуваат дека од максимално дозволеното ниво според меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење кумулативното зрачење изнесува 14,9 проценти. Во овој процент зрачењето од 5Г учествува со само 32 проценти за разлика од зрачењето што потекнува од 4Г, кое учествува со 49 проценти. Бидејќи мерењето е спроведено во најлошо можно сценарио за 5Г за очекување е тоа да учествува со уште помал процент во реални услови. АЕК ќе продолжи и понатаму со континуирани мерења и доколку се констатира надминување на нормите, согласно ЗЕК секако дека АЕК ќе преземе соодветни дејства.
Здравствено-економската криза го промени начинот на работа и функционирање на сите, а тоа придонесе за зголемување на обемот на интернет-сообраќајот. Преземени ли се дополнителни активности за јакнење на капацитетот на мрежите и заштита, како се справија, според Вас, операторите со оваа состојба и како се одрази кризата и на вашето работење?
– Мерките за ограничувањето на физичката комуникација придонесоа голем дел корисници на интернет-услугите да бидат дома, а со тоа се зголемија и побарувачката и искористеноста на интернет-пристапот. Поголем дел од обезбедувачите на сервисите што произведуваат услуги што побаруваат поголем проток (како Јутјуб и Нетфликс) веќе доброволно го намалија квалитетот на нивниот сервис преку намалување на резолуцијата на медиумските услуги во земјите на Европската Унија, но тоа досега не го практикуваат во останатите земји на Западен Балкан вклучително и кај нас. Во комуникација со операторите добивме известување дека новонастанатата ситуација придонесува до значителен пораст во искористеноста на мрежните ресурси, како во фиксната, така и во мобилната електронска комуникациска мрежа. Поради тоа Агенцијата упати апел до претплатниците за рационално користиње на интернетот со цел апликациите за работа и учење од дома, како што се видеоконференции, далечен пристап, виртуелни конекции и слично, да може да имаат поголем дел од останатите интернет-апликации во заедничкото користење на мрежните ресурси на операторите. Користење сетинзи што ја намалуваат потрошувачката на интернетот, како што е гледање аудиовизуелни содржини во стандардна резолуција (Standart Definition), наместо во висока резолуција (HD – High Definition), може за неколку пати да ја намалат искористеноста на мрежните ресурси од страна на ваквите апликации.
Агенцијата во целост ги разбира предизвиците со кои се соочуваат операторите при обезбедување на услугата пристап до интернет и тие може да користат мерки за обликување на интернет-сообраќајот заради надминување вакви проблеми. Операторите можат да блокираат, да ја намалат брзината на проток, да ја изменат, деградираат или дискриминираат некоја содржина, апликација или услуга во случаи заради заштита од оптоварување или преоптоварување на мрежната поврзаност или заради ублажување на последиците од оптоварувањето или преоптоварувањето на мрежната поврзаност. Ваквите мерки за обликување на интернет-сообраќајот треба да се исклучок и треба да се транспарентни, недискриминаторски и пропорционални со намерата заради која постојат.
Имајќи ја предвид препораката од 19. седница на Владата, одржана на 14 март годинава, започнувајќи од 17 март и се додека се во сила владините препораки најголем дел од своите работни задачи вработените во Агенцијата за електронски комуникации ги извршуваат со работа од дома. Ова се однесува на сите активности и работи за кои не е неопходно физичко присуство на вработените во просториите на Агенцијата. Притоа вработените ги користат сите расположливи технички алатки со цел да се избегне непосреден контакт на вработените, како што се: виртуелни конекции за пристап до податоците и системите, видеоконференции, комуникација преку интернет-алатки и електронска пошта.
Сите активности што се поврзани со пристап до системи за кои нема можност да се пристапи од дома, активности што се поврзани со стручни надзори во однос на работата на операторите и исполнување на законските обврски, теренски излегувања и отстранувања пречки во радиодифузниот спектар и слично, вработените редовно постапуваат согласно воспоставениот начин и метод на работа. Агенцијата преку соопштение ги охрабри сите граѓани и соработници во најголема мера да ги користат алтернативните методи на комуникација, како што се: пристап до информации преку контакт-центарот на Агенцијата достапен на бројот 190, доставување барања и дописи преку електронска пошта contact@aec.mk, како и комуникација со вработените преку електронска пошта или преку телефон. Контактите на вработените вклучително електронската пошта, мобилен и фиксен телефонски број се достапни на веб-страницата на Агенцијата www.aec.mk. При ваквиот начин на алтернативна работа настојуваме во целост да ги испочитуваме законските рокови и обврски за квалитетот и достапноста на електронските комуникациски услуги како и законските надлежности што ги има Агенцијата, а во исто време да бидеме во насока со препораките на Владата и да го сведеме на минимум ризикот од ширењето на коронавирусот.
Има ли зголемен број обраќања и поплаки од граѓаните до Вас како регулатор во однос на квалитетот на услугите, како што е брзината на интернетот?
– Во изминатиов период е забележан незначителен пад на бројот на барањата за решавање спор од крајните корисници, што е очекувано со оглед на околностите, кои се поврзани со пандемијата. Агенцијата не бележи зголемување на барањата за решавање спор од страна на претплатниците кои се поврзани со квалитетот на услугите. Очигледно операторите имаа дел од мрежните ресурси неискористени, па во услови на пандемија, кога пристапот до интернет на нивните претплатници е најнеопходен, понудија бесплатни пакети за пристап до интернет како дополнување на количините за пристап до интернет од постојните договори. Ваквите чекори на операторите беа самоиницијативни и направени во согласност со проценките на нивната мрежна расположливост и искористеност и тие не придонесоа до деградација на нивото на квалитетот на услугата ниту, пак, зголемување на барањата за решавање на спор во врска со квалитетот на услугите.
Колкава е мрежната покриеност во државава со следната генерација на пристапни мрежи и што треба да се преземе за да се подобри состојбата?
– Пред скоро време Агенцијата се обрати до сите оператори кои се забележани во регистарот на нотифицирани оператори дека поседуваат сопствена мрежа со барање за доставување податоци за постојни и планирани инвестиции во НГА-инфраструктура. Операторите ја доставија постојната инфраструктура, како и планираните инвестиции во следните три години за следните видови мрежа: мрежи што обезбедуваат брзина на пристап од 30 Mbps до 100 Mbps и мрежи што обезбедуваат брзина на пристап поголема до 100 Mbps.
Општоприфатена и меѓународна презентација на зоните е според следната класификација, и тоа: бела зона е област каде што не постои НГА-мрежа и нема да биде изградена ваква мрежа во рок од три години. Сива зона е област каде што веќе постои една НГА-мрежа или во наредните три години ќе се постави само една НГА-мрежа. Црна зона е област во која постојат најмалку две НГА-мрежи на различни оператори или тоа ќе биде постигнато во следните три години.
Резултатите од мапирањето на брзи НГА-мрежи (30-100 Mbps) покажуваат дека од вкупниот број домаќинства (570.784), 78 проценти имаат пристап до брзи НГА-мрежи (download 30-100 Mbps) или 445.233 домаќинства. Во бели зони се 85.958 домаќинства, што претставува 15,06 проценти од вкупниот број домаќинства, во сиви зони се 61.931 домаќинствао, или 10,85 проценти, а во црни зони 422.895 домаќинства, односно 74,09 проценти.
Резултатите од мапирањето на ултрабрзи НГА-мрежи (download > 100 Mbps), пак, покажуваат дека од вкупниот број домаќинства, 43,8 проценти имаат пристап до ултрабрзи НГА-мрежи (download >100 Mbps), или 249.979 домаќинства. Притоа во бели зони се 174.242 домаќинства, што претставува 30,53 проценти од вкупниот број домаќинства, во сиви зони 123.684 домаќинства, што претставува 21,67 процент, а во црни зони 272.858 домаќинства, или 47,80 проценти.
Треба да се има предвид дека податоците погоре се базирани врз основа на статистички параметри преземени од последниот попис на населението од 2002 година, како и на податоци што се доставени од операторите, а за кои податоци Агенцијата нема можност да ја провери нивната валидност, па поради тоа постои можност за грешка.
Постојат повеќе мерки што можеме да ги направиме со цел да ја подобриме ваквата слика. Мерки на ниво на понудата и мерки на ниво на побарувачката. На страната на побарувачката треба да се преземат мерки, како што се: зголемување на нивото и достапноста на јавните услуги е-здравство, е-образование, е- влада; подобрување на квалитетот на електронските комуникациски услуги, подигање на свеста за бенефитите на интернетот, дигитално описменување на населението. Додека на страната на понудата треба да се продолжи со мерките за развој на конкуренцијата, влез на нови оператори, државна помош за зоните каде што нема комерцијален интерес за инвестиција на операторите и слично.
Со цел поголем развој на пристапните мрежи од следната генерација, во наредниов период Агенцијата ќе ги преземе следните чекори:
– Мапирање бели, сиви и црни зони со цел следење на нивото на инвестиции на операторите и развојот на мрежи од следна генерација кои подржуваат пристапни брзини до интернет од 30 Мбпс, 100 Мбпс и 1 Гбпс.
– Промовирање заеднички инвестиции и координација на градежните работи, симетричен пристап до специфични мрежни елементи и придружни средства до операторите со значителна пазарна моќ, ажурирање и следење на условите, вклучително и цените за пристап на големопродажно ниво утврдени со референтните понуди за големопродажен локален пристап обезбеден на фиксна локација и големопродажен централен пристап обезбеден на фикасна локација за производи за широка потрошувачка, ажурирање на податоците и понатамошен развој на единствената точка за информации, мапирање на технологиите и сервисите преку кои се нуди пристап до интернет со големи брзини преку пристапни мрежи од следна генерација.
Имате ли анализи за ефектите од примената на договорот за намалување на цените во роаминг во регионот, што може да се очекува во таа насока во следниот период и дали ќе стапи во сила Меморандумот со Грција за пониски цени во роаминг што беше потпишан минатата година?
На 25.6.2019 година Агенцијата за електронски комуникации ја донесе Одлуката за утврдување на максималните цени на роаминг-услугите во јавни мобилни комуникациски мрежи. Со одлуката се предвидува значително намалување на малопродажните и големопродажните цени на роаминг услугите за корисниците на електронските комуникациски услугите во роаминг кои патуваат во петте земји на Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Започнувајќи од 1 јули 2019 година, па сè 30 јуни 2021 кога цените за роаминг-услугите ќе исчезнат, се воведува преоден или транзитен период во кој период операторите за роаминг-услугите ќе може да наплаќаат само одреден дополнителен надоместок на националните електронски комуникациски малопродажни цени.
Започнувајќи од 1 јули 2021 година се предвидува напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (eng. Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава започнувајќи од 1 јули 2021 нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на оваа спогодба, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надоместок за корисникот. Ваквите мерки придонесоа до намалување на цените за роаминг услугите во просек од 83 процент до 99 проценти уште во првата година од нејзиното имплементирање споредено со претходните цени на малопродажните роаминг услуги во земјите на Западен Балкан. Користењето на роаминг услуги под вакви поволности ќе биде регулирано само под одредени политики за фер користење и одржливост, кои што ќе бидат пропишани од страна на Агенцијата за електронски комуникации најдоцна до 31 декември 2020 година. Овие политики за фер користење и одржливост ќе бидат пропишани со цел да се отстранат можностите за залоупотреба, како и да се задржи одржливоста во финансиското работење на операторите.
Првиот извештај на БЕРЕК за роаминг на Западен Балкан за периодот октомври 2018 година – септември 2019 година беше одобрен за јавна објава на првиот пленарен состанок на БЕРЕК за 2020 година што се одржа во Белград. Ако го анализирате овој извештај ќе забележите многу мала промена во користењето на роаминг-услугите во Западен Балкан. Тоа е така поради две причини. Првата причина е тоа што во овој период на анализа опфатен е само еден квартал од кога практично се намалија цените за роаминг-услугите во Западен Балкан, па претплатниците не беа запознати со мерките. А втората причина е што и покрај значителното намалување на цените на сите услуги, цената за пристап до интернет остана релативно висока и за граѓаните поатрактивни останаа алтернативните понуди на операторите, кога за одредена сума претплатникот може да активира роаминг-пакет за податоци. Ваквата слика целосно ќе се смени кога од 1 јули 2021 година ќе се воведат регулирани роаминг-услуги по цена на услугите што се нудат на домашниот пазар.
Во врска со потпишаниот Меморандум за намалување на цените на роаминг-услугите, кој беше потпишан на 19 февруари 2019 година во Скопје од страна на релевантните министерства за развој на пазарите за електронски комуникации од двете земји, Агенцијата уште минатата година ги извести колегите од регулаторот за електронски комуникации во Грција дека од наша страна можеме да започнеме со првично намалување на цените на роаминг услугите уште од 1 јули минатата година. На нашиот предлог и динамика за имплементација на меморандумот, колегите од регулаторот во Грција не известија дека меморандумот се уште не е влезен во сила и дека се уште од нивна страна не се завршени сите национални процедури за да може да започне имплементација на истиот и оти ќе не известат најбрзо што може откако ќе се создадат неопходните предуслови. Согласно член 10 од Меморандумот, тој ќе влезе во сила откако двете страни по дипломатски канали ќе известат помеѓу себе дека се завршени сите национални процедури за Меморандумот да може да влезе во сила.
Имајќи предвид дека наметнувањето на обврските на операторите за намалување на малопродажните и големопродажните цени за роаминг-услуги во двете земји мора да бидат засновани на реципрочна основа и треба да бидат временски синхронизирани, понатамошните активности на Агенцијата ќе бидат усогласени со динамиката на создавањето на неопходните услови за имплементација на Меморандумот во Грција. Натамошната иднина на оваа инцијатива зависи повеќе од политичката желба на нашиот сосед, а помалку од техничките проблеми и предизвици за негова имплементација.