Интегрален текст од соопштение на Ѓорѓе Војновиќ, Претседател на Групацијата на осигурување
Групацијата на осигурување ги поздравува мерките што беа донесени од страна на Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурување. Пакетот мерки, донесени на 15.4.2020 година од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување, претставува навремен и соодветен одговор од страна на регулаторот со цел ублажување на зголемените ризици во работењето на осигурителните компании, кои произлегуваат од условите предизвикани од пандемијата КОВИД-19.
Овие мерки овозможуваат поголема флексибилност, олеснување и континуитет во работењето на осигурителната индустрија во овие вонредни услови на пандемија, кои влијаат на сите аспекти на економскиот и социјалниот живот. Дополнително, донесените мерки придонесуваат и ги штитат правата и интересите на осигурениците, кои се нашиот примарен фокус. Иницијативата за воведување на привремените мерки произлезе од навременото скенирање на променетите услови на работа од страна на регулаторот, како и заложбите на Групацијата на осигурување.
Регулаторните измени се насочени кон олеснување во следните категории:
- Правилникот за видови и карактеристики на средствата кои ги покриваат техничките резерви и средствата кои ја покриваат математичката резерва, како и детално пласирање и ограничување на тие вложувања и нивно вреднување, каде се дозволува до 31.12.2020 година 10% од средствата за покривање на техничките резерви да бидат недоспеаните побарувања и доспеаните побарувања до 30 дена. Имено, со ослободувањето на 10% од резервите, се обезбедува зголемена ликвидност на компаниите.
- Правилникот за методот за вреднување на ставките од билансот на состојба и изготвување на деловните биланси, каде се дозволува до 31.12.2020 година исправката на побарување да се помести за дополнителни 60 дена. Целта на измената е да се амортизира ударот врз финансискиот резултат на друштвата за осигурување како резултат на намалената наплата на побарувањата по основ на премија за осигурување. Имено, со дополнителните 60 дена се обезбедува амортизирање на ударот врз билансите на осигурителните компании, со цел по истекот на вонредната состојба компаниите да продолжат нормално да функционираат.
- Правилникот за минимална содржина на евиденцијата и начинот на пријавување, резервирање и ликвидација на штети од страна на друштвата за осигурување, каде се дозволува се` додека трае вонредната состојба, евидентирањето на пријавените штети да се помести на 5 дена. Имено, со оваа мерка им се овозможува на осигурителните компании со оглед на вонредната состојба и прилагодените работни процеси да имаат дополнителен период за обработка на штетите од што, секако, ќе имаат интерес осигурениците.
- Одлуката за начинот на проценка на резервите за штети на друштвата за осигурување и/или реосигурување за време на траење на вонредната состојба, каде се дефинира дека во проценките на техничките резерви за вториот и третиот квартал на 2020 година и покрај забавена ликвидација/пријава на штети во настанатата вонредна состојба, да не влијае врз проценките на техничките резерви. Целта на оваа измена е обезбедување стабилност на секторот на осигурување, но и заштита на осигурениците, преку реално утврдување на резервите на друштвата.
Групацијата на осигурување внимателно го следи развојот на ситуацијата, континуирано е во блиска соработка со Агенцијата за супервизија на осигурување и натаму ќе продолжи да предлага и прифаќа мерки, соодветни на развојот на настаните.