Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска од аеродромот „Никола Тесла” испрати четири од предвидени осум авиони со помош за Италија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Србија има доволно опрема, затоа сметаме дека сега е најважно тоа да го дадеме и да им помогнеме на нашите италијански пријатели. Нашата помош не е мала, и ова се производи што ние ги купивме и за кои платија граѓаните на Србија, за да им ја дадеме на нашите браќа и сестри во Италија. Ние ги снабдивме своите магацини. Праќаме два милиона хируршки маски, два милиона епидемиолошки маски, еден милион ракавици. Можеби можевме и повеќе, но ова е гест да покажеме колку ни значи Италија, истакна Вучиќ, испраќајќи порака со сочувство до сите починати.
Пред да ја испрти помошта за Италија, српскиот претседател ги прими претставниците на тимот на руските вооружени сили, кои помагаа во спречувањето на ширењето на новиот коронавирусот и им се заблагодари за „обезбедувањето на важната помош за Србија”.
Одлуката на претседателот Путин е израз на солидарност, но и потврда за вонредните стратешки односи и најблиско пријателство меѓу двете земји, посочи Вучиќ.
Како што соопштија од неговиот кабинет, Вучиќ оценил дека во соработка со српските единици за атомско-биолошко-хемиска одбрана, руските војници за кратко време помогнале да се стави епидемија под контрола во најголемите жаришта, како што се Белград, Кикинда, Ваљево, Чуприја, Ниш и други места.
Во состав на медицинската помош доставена со 11 авиони од Русија се еден генерал, 42 офицери, 42 подофицери и двајца членови на руското Министерство за здравство, поделени во осум медицински екипи со лекари по општа пракса, епидемиолози, анестезиолози, медицински техничари, преведувачи и експерти по АБХО.