Откако вчера се појавија различни информации за севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, се уште нема официјална потврда за неговата здраствена состојба од Пјонгјанг.
Дел од медиумите објавија дека тој е во кома откако на 12 април му беше извршена операција на срцето, додека на социјалните мрежи беше објавено дека Ким починал.
Ким Џонг-ун стана лидер на Северна Кореја со многу мало политичко и воено искуство. Тој се прогласи за „голем наследник” по смртта на неговиот татко Ким Џонг-ил, кој почина во декември 2011 година.
Ким Џонг-ун по две недели од смртта на неговиот татко беше прогласен за лидер на Работничката партија на Кореја, на државата и армијата.
Тој во земјата има статус на божество и многу детали од неговиот живот се непознати, дури и датумот на неговото раѓање.
Ким Џонг-ун е најмладиот син на Ким Џонг-ил и неговата трета сопруга Ко Јонг-хуи, роден е 1983 или 1984 година. Тој студираше во Швајцарија, а по враќањето во Северна Кореја образованието го продолжи на Воената академија.
Ким првпат се појави во јавност на 15 април 2012 година за да одржи говор по повод стогодишнината од раѓањето на неговиот дедо, основач на Северна Кореја, Ким Ил-сунг. Тогаш јавно ја поддржа доктрината „војската на прво место” и вети дека „засекогаш поминало” времето кога некој може да и се заканува на Северна Кореја. Под негово водство продолжи севернокорејската нуклеарна програма.
Тој во 2013 година нареди да се егзекутира неговиот чичко, а во 2017 година издаде наредба да се убие неговиот полубрат Ким Џонг-нам.
Исто така малку се знае за неговиот семеен живот. Од 2012 година Ким во јавност се појавува со Ри Сои-ју. За неа малку се знае, но се претпоставува дека била пеачка. Исто така постојат шпекулации дека Ким со неа има ќерка.
Иако во 2017 година Ким лансира неколку проектили, и тврдеше дека тестирани се интерконтинентални балистички ракети кои можат да погодат цели во САД. Тоа доведе до тензии со Вашингтон и зголемени санкции од страна на ОН.
Ким во 2018 година презема повеќе дипломатски активности, има средба со американскиот, јужнокорејскиот и кинескиот претседател.
Тој во своето новогодишно обраќање неочекувано понуди помирување со Јужна Кореја, истакнувајќи оти е отворен за дијалог и најави испраќање на национален тим на Олимписките игри во Јужна Кореја што се одржаа во февруари 2018 година. По дипломатските средби на Олимпијадата беа испратени спортисти од Северна и од Јужна Кореја под едно знаме. Во април Ким се сретна со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин во селото Панмунџон во демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров, при што беше потпишана Декларација за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и за официјално потпишување на договор за крај на Корејската војна (1950-1953).
Истата година Ким побара подобрување на односите со САД, а во април се срета со американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур за денуклеаризација на Северна Кореја. Ким вети дека ќе ги стопира ракетните и нуклеарните тестирања во замена за укинување на санкциите, но не се откажа од нуклеарната програма. Односите помеѓу САД и Северна Кореја се влошија откако администрацијата на Трамп кога одби да ги укине санкциите кон Пјонгјанг се додека во целост не се откаже од нуклеарната програма.
Ким во јануари годинава изјави дека се откажува од ветувањето за прекин на вооружувањето и се закани дека „светот ќе биде сведок на ново стратешко вооружување”.
Како можна наследничка на Ким се споменува неговата помлада сестра, која во последните две години го пратеше на патувањата и собирите. Но, исто така се спомнува и неговата тетка Ким Кјонг-хуи, која не се појавува во јавност откако Ким нареди да се убие нејзиниот сопруг.