(Видео) Русија изгради црква со мозаици на Путин и Сталин

Сместена во областа на Воениот парк „Патриот“, недалеку од Москва, воената црква на Воскресението Христово е пантеон посветен на славата на руските водачи, чии ликови ја украсуваат заедно со оние на Бога, на блажената Дева Марија и разни светци.

Покрај победата на поранешниот СССР во Втората светска војна, црквата слави и други воени успеси на рускиот народ, вклучително и анексијата на Крим во 2014 година, посочува руското Министерство за одбрана.

Црквата е висока речиси 100 метри и има шест позлатени куполи. Таа е третата најголема православна црква во земјата, рече портпаролот на министерството.

Во централниот дел има низа мозаици во боја, кои ги прикажуваат, меѓу другите, лицата на поранешниот лидер Јосиф Сталин, претседателот Владимир Путин и други високи руски претставници, меѓу кои и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и претседателот на Советот за безбедност, Николај Патрушев.

На еден мозаик се наоѓа слоганот „Крим е наш!“, кој често се користи од анексијата на областа во 2014 година.

Камбанаријата е висока 75 метри, што ја одбележува 75-годишнината од победата над нацистите, а во скалите на црквата се вградени делови од истопени германски тенкови и авиони.

Храм требаше да заврши до 9 мај, но традиционалната воена парада на Црвениот плоштад беше одложена за подоцна поради пандемијата на коронавирус.

Историчарот Сергеј Бриун го критикуваше проектот, оценувајќи во освртот за весникот „Ведомости“ дека станува збор за пародија на историјата на руската држава и предупредувајќи на парадоксот за поставувањето на портрети на Сталин во црквата затоа што ги прогонувал свештениците додека бил на власт.

Меѓутоа, Руската православна црква истакнува дека тој ја водел земјата во времето на победата над Третиот рајх.

Треба да знаете
Последни објави