Наќе Чулев во отвореното студио на телевизија 24 изјави предложил ограничувањата за време на престојниот викенд да бидат како и во нормалните викенди.
„Ставот на Комисијата за заразни болести беше дека треба да има целосен карантин од четврток до понеделник. На крајот, провладеа компромисно решение и заклучивме дека не е добро целосно затворање на викендот“, рече министерот.
Тој нагласи дека неговите аргументи биле дека кај граѓаните постои зголемена свесност за лична заштита, односно дека најголем дел од нив ги почитуваат мерките и одлуките, носат маски или други средства за покривање на дишните органи.
„Други аргументи се дека психичкиот притисок врз граѓаните е енормно зголемен, забележана е зголемена агресија кај нив, односно има голем број случаи на семејно насилство и обиди за самоубиство“, изјави Чулев и дополни дека ваквите целосни „локдауни“, само ќе ја зголемат агресијата на граѓанска непослушност, како што се случаите во други земји.