Шпанската полиција заплени четири тони кокаин на отворено море и уапси вкупно 28 лица, соопштија денеска властите во Мадрид.
Според полицијата, станува збор за организација за шверц на наркотици која е најважна во Галиција, шпански регион познат по шверцот со кокаин.
Инспекторите, на кои им помогнале агенти од американската агенција ДЕА и британската и колумбиската полиција, биле известени за пристигнувањето на брод со дрога.
Бродот, кој пловел под знамето на Того, бил пресретнат на околу 20 наутички милји од шпанското крајбрежје и на него биле пронајдени четири тони кокаин.
Полицијата уапсила 15 членови на екипажот, претежно од Бангладеш и Непал, а на копно уапсила уште 13 припадници на мрежата.
Галиција е еден од регионите погоден за влез на дрога во Европа. Минатиот ноември беше пресретната подморница во која беа пронајдени три тони кокаин.