Италијанската влада има план да ги отвори фабриките, продавниците, кафулињата, рестораните, па дури и берберниците, но не планира да ги отвора училишта до есен. Милиони Италијанци се многу незадоволни од ова.
„Тоа е комплицирано. Голем е ризикот епидемиолошката крива повторно да скокне ако ги отвориме училиштата“, се обиде да објасни италијанскиот премиер Џузепе Конте пред неколку дена.
„Сите студии предупредуваат дека ќе имаме нова експлозија на случаи за една недела или две и не можеме да си дозволиме“, додаде тој.
Сепак, многумина се прашуваат дали навистина нема друга опција.
„Незамисливо е да се рестартира земјата, да се отворат фабриките, работните места и да се испратат родителите на работа, а да ги остават своите деца дома“, смета пратеникот Алесандро Фусачиа.
Фусачиа, кој беше шеф на кабинетот на поранешниот министер за образование, се прашува зошто опцијата за постепено отворање на училиштата не е разгледана, како што тоа го прават другите европски земји.
Во Франција, училиштата ќе се отворат постепено во неколку фази, почнувајќи од 11 мај. Ќе има максимум 15 ученици во училниците.
Мајка од Рим, изјави за ДПА дека е „во неволји до гуша“ поради сегашната состојба.
Додека е на работа, нејзината шестгодишна ќерка е чувана од дадилката која не и ’помага со задачите и не ги извршува домаќинските работи.
Таа ја отфрли опцијата да замине на родителско отсуство, бидејќи би била помалку платена.
„Мојот поранешен сопруг работи во секторот за туризам и престана да плаќа алиментација во февруари. Не можам повеќе да отсуствувам од работа затоа што едвај ги покривам основните трошоци за живот“, рече таа.
Владата им обезбеди на семејствата еднократен бонус од 600 евра, а уште еден би можел да се обезбеди со новата владина регулатива.
Министерката за семејство, Елена Бонети, предлага меѓу 80 и 160 евра детски додаток месечно, но не е познато дали владата ќе се согласи со идејата.
Бонети истотака ги охрабрува градоначалниците да ги отворат игралиштата и други јавни места за децата, но притоа да се обезбедат мерки за социјална дистанца.
Во Италија, учењето од дома продолжува, а за многу деца не е соодветно заради слабиот пристап до Интернет.
„Се обидувате да го слушате наставникот додека го користите мобилниот телефон на чичко ви со скршен екран, позајмувате Wi-Fi од вашиот сосед, слушате куче што лае, брат кој плаче или мајка која чисти со правосмукалка“, напиша учителката за основно училиште, Мелина Зербо, во отворено писмо.
Зербо ја нагласува потребата за социјализација и играње со децата и тинејџерите надвор, и предупредува на психолошка штета ако се пролонгира нивната „социјална изолација“.