По проценка на повеќе аналитичари и активисти во ек на пандемијата со Covid-19, младите луѓе се меѓу најпогодените категории на граѓани во период на оваа криза.
По тој повод, младинската организација Младински сојуз – Крушево, вчеравечер организираше online дебата за млади, на која еден од говорниците беше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев. Во рамки на дебатата се говореше за состојбата на младите на локално ниво, како и за мерките и тековните активности кои ги преземаат надлежните власти.
- Е – наставата беше поттикната токму од Карпош и среќен сум што нашиот концепт беше преземен и на национално ниво. Во изминатиов период, Карпош спроведе повеќе мерки за заштита на младите, но и за нивно вклучување, колку што дозволуваат моменталните услови. На пример, во соработка со Сојузот на извидници се организираа редарски служби пред маркетите, за граѓаните да одржуваат физичка дистанца, а со Црвениот крст, со младите волонтери формиравме мобилни тимови за поддршка на граѓаните, започна Богоев, објаснувајќи ги мерките кои локалната самоуправа ги презема овој период за заштита на здравјето на граѓаните.
Општина Карпош работи и на ресетирање на Локалниот младински совет. По одржаната консултативна средба на почетокот на годината, се направија и потребните измени на Статутот, на последната седница на Совет, по што ова претставничко тело, сега е регулирано по новиот Закон за младинско учество и младински политики.
Богоев напомена дека очекува и поголема поддршка за младите во угостителството, кои останале без работа, а со тој надоместок плаќале семестар или закупнина. Во овој дел, важно е да се зголеми поддршката за мерката Младинска гаранција, која овозможува вработување или јакнење на вештините на младите.
Во младинската дебата учествуваше и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, како и повеќе млади луѓе и претставници од младинскиот сектор.
Сите беа согласни околу фактот, дека коронавирусот ги поттикна граѓаните во целата заедница на солидарност. Бидејќи, се виде дека овој вирус ги погоди сите луѓе, независно од нивниот социјален статус, или пак од нивната национална, верска или партиската припадност.
Охрабрувачки е тоа што речиси секојдневно, кон Карпош пристапуваат голем број на општествено одговорни компании кои ја нудат својата помош преку донации на храна, хигиенски средства и услуги.
Исто така, значаен сегмент од општествениот живот е и културната сфера. Организирањето на online музички настани или концерти меѓу зградите во Карпош, придонесуваат граѓаните за момент да заборават на секојдневието. Таков пример беше музичкиот настан кој Карпош го организираше минатата недела, а со намера карпошани да се забавуваат и во период на Covid – 19.