Управата за храна и лекови на САД (ФДА) ја одобри итната употреба на „ремдесивир“ при лекување на пациенти со тешката болест Ковид-19, пренесува Си-ен-ен.
ФДА издаде одобрение врз основа на резултатите од тестирањето спонзорирано од Националниот институт за здравство, чии резултати беа објавени во средата од страна на др. Ентони Фаучи. Инјектирањето на лекот го намалило времетраењето на болеста кај некои сериозно болни пациенти.
Претседателот Доналд Трамп ја објави веста во Белата куќа, заедно со директорот на „Гилиад“ Даниел О’Деј и комесарот на ФДА, Стивен Хан.
„Ова беше одобрување со брзина на светлината“, кажа Хан.
Агенцијата верува дека користа од оваа дрога ги надминува ризиците кај некои пациенти.
Главниот извршен директор на „Гилиад сајенсис“, производител на лекот со седиште во Калифорнија, пред отворено писмо рече дека моменталното снабдување со овој лек може да опфати најмалку 140.000 третмани кај пациенти заболени со Ковид-19.
ФДА делуваше откако прелиминарните резултати и од клиничката студија, спонзорирана од американската влада, покажа дека „ремдесивир“ го скратува времето за оздравување за 31% или четири дена во просек, за хоспитализираните пациенти со Ковид-19.Оние кои го добиле лекот ја напуштаа болницата за 11 дена во споредба со 15 дена за пациентите од групата за споредба, кои не го примаа лекот. Лекот можеби спречува и смртни случаи, но тој ефект сè уште не е доволно голем за научниците да бидат сигурни.
Кон крајот на минатиот месец, светските медиуми пренесоа дека „ремдесивир“ не се покажал како успешен во лекувањето на болести предизвикани од коронавирус.
Кинеските истражувања покажале дека лекот не бил успешен, според нацрт-документите објавени од Светската здравствена организација (СЗО).
„Лекот не ја подобри состојбата на пациентите, ниту го намали присуството на патогени во крвта“, се вели во документот.
„Ремдесивир“ е лек кој претходно бил тестиран за третман на ебола, но не се покажал како ефикасен. Претходните студии на овој интравенски лек, вклучително и оној спроведен во Вухан, покажаа контрадикторни резултати.Според една студија во мал примерок од 237 испитаници во Вухан, лекот не се покажал како ефикасен освен во случај на респираторни пациенти, објави списанието Ланцет.
Ова истражување, кое вклучуваше контролна група, на крајот беше прекинато затоа што, според многу експерти, беше спроведено со премалку испитаници за да бидат сигурни.