Според партијата, прашањето на граѓаните кои живеат во Република Бугарија и се идентификуваат како Македонци треба да се решава согласно меѓународните конвенции за човекови и малцински права.
Зелената партија ДОМ длабоко верува дека сите прашања од интерес на двете соседни и пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Бугарија, може да се разрешат со заемна доверба и дијалог, со почитување на Договорот за пријателство и добрососедство.
ДОМ не се согласува со изнесеното мислење на Денко Малески дека Македонците и Бугарите биле ист, бугарски народ, а македонскиот револуционер, Гоце Делчев и македонскиот преродбеник, Крсте Петков Мисирков, етнички Бугари. Иако со Република Бугарија споделуваме некои историски настани и личности, македонскиот народ има свој посебен идентитет, а Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков и многу други револуционери и дејци кои се бореле за самостојна Македонија, се национални херои на македонскиот народ, се додава во соопштението.