Едно убиство и четири самоубиства бележи билтенот на полицијата откако почнаа рестриктивните мерки во државава поради коронавирусот. Еден случај од самоубиствата кој е регистриран во Штип е поврзан со Ковид-19. Лицето како причина за самоубиството во последната порака ја посочило расправијата со сопругата околу коронавирусот. Во истиот период регистрирани се и девет обиди за самоубиство за кои досега не е утврдено дека се поврзани со вирусот.
Според статистиката на МВР во однос на семејното насилство, од 12 март до 12 април регистрирани се 79 кривични дела сторени при семејно насилство, што претставува намалување за 28 отсто во однос на претходниот период, кога биле регистрирани 109 кривични дела.
Во делот на прекршоците регистрирани се 32 прекршоци што претставува намалување за 33 отсто во однос на истиот период од претходната година. Од прекршоците, најголемиот дел или 55 отсто се регистрирани на подрачје на СВР Скопје, потоа во СВР Штип 16,6 отсто и СВР Куманово 10,8 отсто, додека во СВР Битола, СВР Велес и СВР Струмица не е регистриран ниту еден прекршок.
Во делот на поплаките поднесени од лица против членови на нивното семејство, МВР бележи зголемување од 32 отсто, односно поднесени се вкупно 310 поплаки. Најголем број од поплаките се регистрирани на подрачје на СВР Битола 66, потоа на СВР Штип и СВР Велес 51. Зголемување за 84,6 отсто на поплаките е забележано на подрачјето на СВР Скопје, потоа 59,4 отсто на на подрачје на СВР Велес и 27 отсто на подрачјето на СВР Битола.
Пандемијата го промени начинот на функционирање, односно повеќето луѓе работат од дома, користат разни платформи, работат онлајн, одржуваат видео – состаноци, значително се зголеми е-трговијата и е-плаќањето, со што се зголемија ризиците за безбедноста и заштитата на личните податоци на корисниците, податоците од нивните платежни картички и банкарски сметки.
-Ваквите состојби резултираа со злоупотреба на податоци од платежни картички на наши државјани, за што се пристигнати две пријави, чии податоци им се злоупотребени на онлајн трансакции на македонски и странски интернет страни. Потоа регистриран е нов модус на извршување каде во компјутерски систем се пријавуваат лица, а овој систем ги собира и чува личните податоци за лицата заедно со нивната лична електронска пошта и ИП адреса на корисник кој го извршил пријавувањето на лицата. Добиени се и две пријави од правни лица за креирање на лажни страни, кои се идентични на нивните оригинални страни, каде се нудат лажни наградни игри, со цел да се прибават лични податоци од лицата, броеви од платежни картички, кои понатаму ќе бидат злоупотребени, со цел злоупотреба на личните податоци и податоците од платежни картички, банкарски сметки на граѓаните, кој модус е активен и овој период, информираат за МИА од МВР.
Полицијата забележала криење на ИП адресите на корисниците на интернет користејќи VPN/Proxy сервиси заедно со невалидни или измислени електронски пошти. На измислените и лажни електронски пошти системот не е во можност да испраќа линк за верификација и системот не го прифаќа и ги одбива овие податоци за доставени и пријавени лица. Ова значи дека лицата лажно се обидуваат да се пријавуваат во системот внесувајќи лажни податоци со што го оптоваруваат системот за обработка на истите.
Полицискиот билтен регистрира зголемен е бројот на содржини на интернет и на социјалните медиуми кои се поврзани со вести за вирусот КОВИД-19, потоа голем број на содржини кои имаат елементи на говор на омраза, содржини кои ја загрозуваат сигурноста кон одредени лица, за што се доставени 17 известувања до Основно Јавно Обвинителство Скопје. Покрај ова, Секторот за компјутерски криминал до сега има доставено 20 известувања до ОЈО Скопје, за кривични дела против здравјето на луѓето.
Во првиот месец од пандемијата, Скопје, Битола и Штип предничат во кривичните дела од имотниот криминал каде од 515 тешки кражби, во овие три града извршени се околу 400.
-Најголем број се извршените тешки кражби од возила 112, потоа во куќи и станови 72 , во викендички само 44, во маркети 34 дела од кои 20 дела во Скопје. Само 18 отсто од тешките кражби се извршени во руралните средини, останатите кражби во најголем број се извршени во урбани средини на централните градски подрачја. Вкупен број тешки кражби на подрачје на Скопје во анализиран период е 227, од кои најголем број во возила. Потоа следи подрачјето на СВР Битола со 102 тешки кражби, од кои 65 на подрачје на ОВР Прилеп, СВР Штип 68 , СВР Охрид 32, СВР Струмица 30, СВР Тетово 20 и на подрачјата на СВР Велес и Куманово по 18 тешки кражби, истакнуваат од МВР за МИА.
Во периодот од 12 март до 12 април 2020 година и аптеките и бензинските пумпи биле цел на криминалците. Во овој временски период пријавени се вкупно 11 разбојништва и тоа седум на подрачје на Скопје, во Центар и Аеродром, по едно на подрачје на Кисела Вода, Бит Пазар и Шуто Оризари, две во Куманово и по едно во Кочани и Струга. Само едно од разбојништвата е извршено со употреба на нож, останатите се со закана со нож, пиштоли, физичка сила и дрвени предмети. Во два случаи делата се извршени од група од повеќе лица од пет и седум, додека останатите дела се извршени од по еден или двајца сторители.
Во делот на измамите, во овој период се регистрирани 25 кривични дела, од кои најголем дел се на подрачје на Скопје -11. Карактеристична е измамата со набавка на заштитни маски, каде измамено е лице од Гостивар сопственик фирма, кој нарачал заштитни маски и уплатил 500.000 евра на девет странски фирми, но до датумот на пријавување нарачаните маски не биле доставени.
Во земјава во анализираниот месец на пандемијата, регистрирани се 2.194 кривични дела, а стапката на вкупниот криминалитет изнесува 105,5 на 100.000 жители. Најголем дел, односно 47 проценти од вкупниот криминал е поврзан со актуелната состојба и мерките кои се преземаат за спречување на Ковид-19, при што по овој основ се регистрирани вкупно 1.039 кривични дела.
Доколку од анализата ги исклучиме овие кривични дела, евидентно е дека стапката на останатиот криминал изнесува 55,6 на 100.000 жители.
Гледано по подрачја, најголем дел од вкупниот криминал, без кривичните дела против здравјето на луѓето е извршен на подрачјето на СВР Скопје, СВР Битола и СВР Штип, при што стапката на криминал, пресметана на 100.000 жители, е највисока во СВР Битола – 73,3, а потоа следат подрачјата на СВР Штип со 70,1 и СВР Скопје со 69,7.
СВР | кривични дела за период од 12.03.- 12.04.2020 година без член 205 и 206 | стапка на криминал на 100.000 жители | |
СВР СКОПЈЕ | 459 | 69, 7 | |
СВР БИТОЛА | 192 | 73, 3 | |
СВР КУМАНОВО | 50 | 28, 4 | |
СВР ОХРИД | 80 | 37, 6 | |
СВР СТРУМИЦА | 100 | 58, 8 | |
СВР ТЕТОВО | 76 | 21 ,3 | |
СВР ШТИП | 135 | 70, 1 | |
СВР ВЕЛЕС | 60 | 44, 8 | |
РЦ за ГР | 3 | / | |
ВКУПНО | 1155 | 55,6 |
Анализирајќи ги податоците според видот на делата, најзастапени се кривичните дела кои се поврзани со почитувањето на здравствените прописи и забраните кои се поврзани со спречување на коронавирусот, а потоа следуваат тешките кражби, кражбите и обидите за извршување на тешки кражби и делата со елементи на насилство.