Белорусија и покрај вирусот ќе одржи воена парада

Белорусија  планира да одржи голем воен марш на 9 мај за да ја одбележи 75-годишнината од крајот на Втората светска војна во Европа и покрај пандемијата од Ковид-19.

„Не можеме туку така да ја откажеме парадата“, рече белорускиот претседател Александар Лукашенко, а пренесе државната агенција „Белта“.

„Долго време размислував за тоа“, рече Лукашенко, додавајќи дека одлуката била емотивна и идеолошка, истакнувајќи дека луѓето и за време на војната гинеле од вируси и други болести.

„Тие умреа за нас, без оглед колку лошо и да звучи тоа“, истакна белорускиот претседател, додавајќи дека некого нема да присилува да дојде на маршот.

Белорусија досега има регистрирано 16.700 случаи на инфекција и 99 смртни случаи од Ковид-19.

Лукашенко е остро критикуван дома и во странство бидејќи не воведе посеопфатни мерки против ширење на инфекцијата, а претходно загриженоста околу коронавирусот ја нарече колективна психоза.

Во земјата и натаму се играат фудбалски натпревари, со голем број гледачи.

Русија поради пандемијата ја одложи планираната голема воена парада на Црвениот плоштад, но претседателот Владимир Путин ќе одржи говор и ќе положи цвеќе.

Во Москва и други градови, Денот на победата ќе се одбележи со огномет и церемонијални летови на авионите на воздухопловните сили.

Треба да знаете
Последни објави