Венецуела заробила втор брод со платеници

Венецуелската полиција уапсила осум лица кои се обиделе да влезат во земјата по морски пат. Венецуелскиот државен јавен обвинител Тарек Вилијам Сааб објави дека тоа се платеници кои би можеле да бидат поврзани со обидот за напад на Венецуела во неделата, пренесува ТАСС.

„Нашите полицајци се упатија кон градот Ла Гуаира за да ја преземат новата група платеници кои влегле во земјата на брод и беа приведени на пат кон Каракас“, напиша тој на Твитер.

На 3 мај, венецуелските власти објавија дека успешно спречиле обид за инфилтрирање во земјата платеници што патувале преку Колумбија во обид да организираат државен удар во Венецуела. Според претседателот на Уставното собрание, Диосдадо Кабело, платениците се обидувале да влезат во земјата со бродови.

Колумбија ја негираше изјавата на венецуелската страна. Според колумбиските власти, Каракас измислува неосновани обвиненија против Богота за да го одврати вниманието од домашните проблеми на земјата.

Политичката криза во Венецуела се влоши на 23 јануари 2019 година, кога Хуан Гваидо, лидерот на опозицијата во Венецуела и претседател на парламентот, чие именување на таа позиција беше поништено од Врховниот суд, се прогласи за привремен претседател на митингот во Каракас .

Неколку земји, вклучително и САД, повеќето држави на ЕУ, членки на групата Лима (со исклучок на Мексико), Австралија, Албанија, Грузија и Израел, како и Организацијата на американските држави, го признаа Гваидо како привремен претседател.

Актуелниот претседател на земјата, Николас Мадуро, пак, го оцени овој потег како пуч организиран од Вашингтон и ги прекинува дипломатските односи со САД. Русија, Белорусија, Боливија, Иран, Куба, Никарагва, Ел Салвадор, Сирија и Турција му изразија поддршка на Мадуро.

Треба да знаете
Последни објави