Бесплатни услуги и софтверски решенија за традиционалните микро, мали и средни претпријатија (ММСп) ќе им понуди платформата TechPack која ја креира Стартап Македонија. Тие заедно со стартап и ИКТ заедницата во државава ќе им помогнат на компаниите погодени од корона-пандемијата целосно да се дигитализираат, а со тоа да бидат поефикасни во нивната работа и услугите кои ги нудат.
– Голем е бројот на традиционални претпријатија кои имаат намалена побарувачка и ограничен пристап до потрошувачката база поради некомплетна дигитализација на процесот на водење бизнис. Особено во вонредни услови во време на пандемија се воочи потребата од комплетна дигитализација во приватниот сектор. Со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, оваа иницијатива е достапна за сите бизниси преку платформата www.techpack.mk, вели Дијана Десподов, проектен координатор на TechPack.
Платформата TechPack содржи три компоненти кои се важни за претпријатијата: зделки, едукативни видео материјали, и решенија. Таа содржи низа алатки, сервиси и едукација прилагодена за домашните компании која ќе им помогне во дигитализација на нивното работење. Содржината е на македонски јазик и е таргетирана и приспособена кон голем број локални индустрии. Платформата нуди и пристап до едукативните материјали, како на пример релевантни он-лајн алатки за секојдневното работење, дигитален маркетинг, работилници за иновациски менаџмент, но и водење на процесот на дигитална трансформација – се она што им е потребно на компаниите.
Оваа платформа ќе овозможи на едно место ММСп да добијат пристап до бесплатни алатки развиени од домашни компании и прилагодени на актуелните состојби и да добијат едукација како да се приспособат на новите услови на работење, да иновираат, и да побараат подршка за креирање на нови решенија од страна на локалната стартап и ИКТ заедница.
– Бесплатните алатки како и услуги за дигитализација ги поделивме на таканаречени зделки преку кои стартап и ИКТ компаниите нудат бесплатен пристап до своите дигитални алатки и решенија во времетраење од најмалку 3 месеци; едукативни видео материјали за применување и имплементирање на алатките; за водење он-лајн бизнис; за вовед во дигитални вештини. Во партнерство со организации од стартап заедницата, стопанските комори и бизнис асоцијациите во земјава ќе се пристапи до идентификување на проблемите и предизвиците кои моментално ги имаат претпријатијата. Врз основа на потребите на компаниите во иднина ќе можат да се поврзуваат со стартапи и ИКТ компании кои би можеле да им понудат решенија, информации, или сеопфатна едукација за процесот на дигитализирање на едно претпријатие, додава Десподов.
Преку платформата, соработката помеѓу традиционалниот и стартап секторот ќе се зајакне, а со тоа и ќе се зголемат корпоративните иновации.
Стартап Македонија се залага во поврзување на македонската стартап заедница преку пристап до квалитетни податоци, поддршка за стартапите, и создавање на поволна средина за развој на стартап екосистемот. Тие имаат за цел да ја помогнат дигитализацијата на екосистемот, да помогнат на организациите преку поддршка да ги подобрат и прилагодат своите услуги според потребите на пазарот при започнување на бизнисот, како и да бидат точка на поврзување на компаниите во приватниот сектор.