Поранешниот разузнувач и советник во кабинетот на експретседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексоски поднесе претставка до МВР за утврдување на непрофесионалното, незаконито и неетичко постапувањена вработените во министерството, откако пред три дена бил повикан во ПС Центар за наводно снимање на колоната возила во која бил претседателот на Собранието Талат Џафери.
Алексоски бил повикан на разговор во ПС Центар, бидејќи наводно на 27 март со мобилниот телефон го сликал автомобилот во кој бил претседателот на собранието, Талат Џафери.
-Барам да ми се одговори кој од МВР генерира лаги и ми го руши угледот и интегритетот во јавноста со следнава изјава за порталот „А1он“ -„Денеска С.А. беше повикан на информативен разговор во ПС Центар во врска со неовластено снимање на возилото на претседателот на Парламентот на 27.03.2020 кај Порта Македонија. Известен е јавен обвинител“, велат од МВР”, ако се знае дека не постои снимка или друг запис кој го потврдува неовластеното снимање на возилото. Барам одговорното лице за медиуми во МВР да ја повлече изјавата поради непостоење на индиција или доказ за неовластено снимање. Со содржината на оваа преставка ќе бидат известени странските дипломатски преставништва и меѓународни организации во Македонија, Народниот правобранител, медиуми и други организации за заштита на човековите права од непрофесионално полициско работење, вели Алексоски.



