„Во овие времиња на предизвици, многу е важно да застанеме зад целиот Западен Балкан. Сега е клучна солидарност”, истакна европратеничката од ЕПП Кинга Гал и оцени дека најавениот пакет помош во износ од 3,3 милијарди евра „дефинитивно претставува позитивен развој”.
Во соопштението од ЕПП, уште се наведува дека лидерите на ЕУ денеска ќе го потврдат и планот за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија.
– Многу е важно да се зајакне перспективата на проширување на ЕУ за овие земји. Одлуката за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија е чекор во вистинскиот правец, оцени Гал.
Галер, пак, потенцира, дека е време за единство, пренесува Бета. – Почеток на формални пристапни преговори со ЕУ не е ништо друго освен одбрана на нашиот начин на живот и влијание во светот. ЕУ е доверлив и транспарентен партнер, потенцира тој.
ЕПП ја поздрави и улогата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чија земја сега претседава со ЕУ.
– Личната посветеност на премиерот Пленковиќ беше пресудна за Западен Балкан да биде меѓу приоритетите на ЕУ, нагласи Кинга Гал.