Стотици празни столици вчера ги наполнија плоштадите во голем број грчки градови на симболичниот нем протест организиран од Федерацијата на угостителски и сродни професии, во рамките на европската иницијатива „Empty chairs”, а со цел да се побараат ефективни решенија за да преживее конкретниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.
На плоштадот Синтагма, во центарот на Атина, беа поставени 200 празни столици, а на секоја од нив по една порака со барањата на угостителите.
„Намалување на даночните стапки на 20 отсто а 2020″; „Намалување на стапката на ДДВ на шест отсто”; „поддршка на вработеите”; „Субвенции од 100 проценти за кирија за затворените бизниси”, беа дел од пораките односно барањата на угостителите.
Претседателот на Федерацијата на угостителски и сродни професии Јоргос Каватас, за МИА вели дека станува збор за иницијатива што истовремено се одржува низ цела Грција, „од Крит до Еврос и од Крф до Родос”.
-Ја симболизира ситуацијата со која што ќе треба да се соочиме во следниот период, ако владата не преземе конкретни мерки за поддршка на нашиот сектор. Главните три барања се: намалување на стапката на ДДВ на шест отсто во угостителството е и кафето, финансиска помош со обртен капитал за одново започнување со работа и поддршка на работните места, вели Каватас и додава дека без поддршка и помош од државата околу 30 отсто од сопствениците на угостителските објекти и кафулињата нема да можат да одговорат на обврските.
Рестораните и кафулињата во Грција, планирано е да се отворат на 1 јуни, но само надворешните делови.
Каватас за дописничката на МИА од Атина, објаснува дека за нив не игра улога датумот на отворање, туку е важно да постои решение на нивните проблеми.
-Дали ќе отвориме на 1 јуни или на 20 мај, ако не се решат проблемите, бизнисите од нашиот сектор не се одржливи, додава претседателот на Федерацијата на грчки угостители.