Холандскиот министер за здравство Уго де Јонге изјави дека поддржувачите нема да можат да ги посетуваат фудбалските стадиони во земјата сè додека не се создаде вакцина. Спортот во Холандија во моментов е суспендиран заради епидемијата од коронавирусот, при што локалната самоуправа ги забрани сите спортски настани во земјата до 1 септември најрано.
Одлуката доведе до предвремен крај на Ередивизи, без шампион или тимови кои испаѓаат. Де Јонге пишал писмо до холандскиот парламент да објасни дека дури и ако владата одлучи да дозволи спортски настани од септември, навивачите нема да можат да присуствуваат на натпреварите.
– Сè уште не можеме да го спомнеме датумот за последниот чекор, масовните настани. Ова ќе биде можно само доколку постои вакцина и никој не знае колку време ќе потрае за да се најде. Се разбира, се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро, но година или повеќе е целосно реална мисла, рече тој.
Според медицинските експерти, можеби ќе бидат потребни 10 години да се најде единствена вакцина. Сепак, поради големиот меѓународен интерес и инвестициите за создавање на вакцината против инфекцијата, некои експерти веруваат дека може да се открие во наредните неколку месеци. Во целиот свет, се спроведуваат околу 460 тестови со цел справување со вирусот.