Филипче: Апликацијата „Стоп корона!” ја имаат инсталирано 55 илјади лица и претставува сериозна алатка во рацете на медицинските работници

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за најновите информации во врска со КОВИД-19 во Република Северна Македонија.
„Денеска се регистрирани 22 оздравени пациенти, по градови: Скопје – 2, Куманово – 6, Штип – 3, Прилеп – 7, Тетово – 1, Струга – 1 и Кочани – 2. За жал, имаме еден починат пациент од Велес, на 70-годишна возраст, кој е хоспитализиран на 4-ти мај во болницата во Велес, но заради влошување на состојбата е препратен на Инфективната клиника. Пациентот починал на пат кон клиниката”, изјави министерот Филипче.
Тој информираше дека во изминатите 24 часа, потврдени се 33 нови случаи, и тоа: во Скопје – 11, во Куманово – 2, во Штип – 1, во Прилеп – 5 , во Тетово – 2, во Велес – 9, во Битола – 2 и во Крива Паланка – 1 пациент. Согласно ова, вкупната бројка на новодијагностицирани од почетокот на епидемијата е 1.582, оздравени пациенти 1.079, починати 89, што значи дека во моментов активни случаи во нашата земја има 404. Направени се 332 теста, односно вкупно досега 18.168 тестови.
„Денеска имаме еден скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе го следиме во следните денови за да видиме дали е случајност, некоја варијација или ќе биде некаков тренд. Тоа се резултати од само еден ден и не можеме да заклучиме ништо само од овие резултати, од денеска, односно од изминатите 24 часа. Ние во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број, во еден момент имаше и над 100 новодијагностицирани. Во таа смисла во текот на утрешниот ден и во сабота ќе ги анализираме новодијагностицираните случаи и ќе носиме заклучоци на што се должат тие. Засега остануваат во сила сите мерки и апелирам сите граѓани доследно да ги почитуваат”, потенцираше министерот Филипче.
Според него, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени три пациенти, вкупно хоспитализирани 44. На кислородна поддршка се 15 пациенти, на механичка вентилација четири пациенти. Во болницата „8 – ми Септември” примени се осум нови пациенти, вкупно хоспитализирани 18, на респираторна машина еден пациент, а уште двајца со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се лекуваат четири пациенти и се следат тројца на домашно лекување. Во Штип хоспитализирани се шест, еден се следи на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид и Тетово вкупно хоспитализирани се 54 пациенти.
„Со амбасадорката на Швајцарија, денеска ја посетивме монтажната болница до Инфективната клиника, еден капацитет, којшто значи нови 72 кревети, кои за среќа сега и се надевам така и ќе остане, нема потреба да се користат. Но, капацитетот ќе се користи во смисла на организирање на еден, како што најавив Ургентен интернистички центар, каде што ќе се прави тријажа на пациентите и оттука по соодветниот преглед, тест доколку се наметне потреба, ќе се упатат или на Инфективната клиника или на другите клиники. Но, ќе знаеме дали некој е позитивен на вирусот или не, а со цел да се воспостави еден коридор којшто ќе важи за целиот Клинички центар”, рече министерот Филипче.
Тој информираше дека денеска стигнале 20 монитори, помош од Европската Унија, уште дополнителни од нивната вкупна помош 25.000 маски N95, 100.000 хируршки маски, 750.000 пара ракавици, 10.000 заштитни наочари. Со ова, вкупната вредност заедно со респираторите, од кои дел веќе стигнале, а дел ќе стигнат од Европската Унија, достигна вредност од 3,2 милиони евра. Министерот Филипче додаде дека е добиена потврда и дека стигнуваат 20 респиратори од Норвешка, со овие 20 респиратори, 20 – те на Европската Унија и 15 – те потврдени преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), значајно се зголемува бројот на респираторни машини, многу повеќе од две третини од вкупниот број, со којшто располага нашата земја. Истите како што истакна Филипче соодветно ќе се распределат и тоа значи значајно зајакнување на здравствениот систем.
„Во однос на скринингот, Центарот за јавно здравје Скопје и Институтот за јавно здравје го завршија планот за скрининг, којшто треба да почне следната недела, некаде околу 400 до 500 тестови согласно индикациите по критични групи на граѓани. Скринингот ќе се прави како што најавивме со ПСР – тестовите, преку матичните лекари, но после денешниот состанок на којшто присуствуваше и претседателот на Стоматолошката комора и преку матичните стоматолози ќе се врши земањето на овие брисови, заради тоа што тоа е во нивна сфера на работа. Ќе бидат опфатени здравствени работници, вработени во градинките, во домовите за стари лица, во прва фаза, понатаму и припадници на полицијата, возачите во ЈСП, таксистите, вработените во јавни служби, пациентите пред хоспитализација, пациенти, коишто треба да примат биолошка терапија – практично категории за коишто многу ни е важно да го процениме ризикот и да идентификуваме асимптоматски носители”, истакна министерот Филипче.
Тој подвлече дека зголеменото време на движење на граѓаните, а со тоа и зголемениот број на луѓе, со коишто се контактира во денот е една ситуација во којашто апликацијата „Стоп корона!” (https://stop.koronavirus.gov.mk/) е навистина важна. Користењето на апликацијата значи дека пополнувањето на анкетите на епидемиолозите многу ќе им се олесни, заради тоа што полесно се стигнува до контактите, вклучувајќи ги и оние контакти, за кои луѓето не се свесни дека ги имале.
„Оваа апликација, сметам дека е сериозна алатка во рацете на медицинските работници, заради тоа што може да овозможи прекинување на синџирот на пренос на вирусот, полесно следење, рано предупредување на лицата кои имале контакт со лице позитивно на корона, навремено започнување на терапија и секако изолација на лицата кои се идентификувани како контакти. Важноста на ваква апликација вчера ја потврди и Европската комисија. Во овој момент кај нас ја имаат инсталирано 55 илјади граѓани. Во периодот којшто следи ќе спроведеме една акција и преку матичните лекари и матичните стоматолози, како апел, што повеќе граѓани да ја инсталираат оваа апликација”, потенцираше министерот Филипче.
Министерот Филипче, за состојбата во Велес и растот на новозаразени информираше дека денеска и утре интензивно работат Центарот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кои ќе направат надзор во неколку фабрики, но и во други објекти, каде што е детектирана потребата од инспекција и во текот на утрешниот ден, во попладневните часови ќе има прецизен увид за што точно станува збор, во однос на новодијагностицираните пациенти.
„На крај неколку зборови за Комисијата за заразни болести. Не гледам апсолутно никаква потреба да се политизира работата на Комисијата за заразни болести, ниту пак било кој дел од целокупниот овој процес. Во сите овие изминати недели, месеци се работеше исклучително професионално и во интерес на јавното здравје на граѓаните, никогаш во интерес на политиката. Така ќе биде и во иднина. Сакам да упатам јасна порака до граѓаните, дека треба и мора да бидат спокојни околу тоа прашање, заради тоа што целокупната работа, носењето, предлагањето на мерките се носи согласно состојбите, анализите, бројките на новодијагностицирани пациенти, спроведувањето на мерките, почитувањето од страна на граѓаните и тоа така ќе биде и во иднина. Апелирам на крајот, до граѓаните, повторно да се почитуваат мерките за превенција заради тоа што тоа е единствениот начин да се стави крај на ширење на патот на вирусот”, истакна министерот Филипче.
Треба да знаете
Последни објави