Експертски тим на Општина Карпош изврши проценка на статичката стабилност и употребливост на салата „Партизан” и утврди дека објектот е направен од армирано бетонска конструкција, која е во генерално добра состојба, што значи дека со санацијата на објектот и неговите инсталации, тој може повторно да се врати во функција, соопшти Општина Карпош.
Експертскиот тим, како што информираат од Општината, бил предводен од Страшо Поповски, дипломиран градежен инженер, а во него била вклучена и компанијата „АДИНГ” АД Скопје.
– Тимот деновиве изврши проценка на статичката стабилност и употребливост на салата „Партизан”. Притоа, стручните лица утврдија дека објектот е направен од армирано бетонска конструкција, која е во генерално добра состојба. Во доставениот извештај до Општина Карпош, се констатира дека нема значајни оштетувања на бетонот, што значи дека со санација на објектот и неговите инсталации „Партизан” може повторно да се врати во функција, велат од Општина Карпош.
Тие информираат и дека периодов се работи и на подготовка на основен проект, кој во себе ќе го интегрира идејното решение за изгледот на салата, кое беше избрано од граѓаните на Карпош.
– „Партизан” ќе го задржи својот автентичен изглед и габарит, а додадена вредност ќе биде мултифункционалноста на овој спортски центар. По завршувањето на основниот проект, се очекува да започнат активностите за реконструкција на салата, кои ќе бидат реализирани од Агенцијата за млади и спорт. Ревитализацијата на овој објект, кој е донација од Франција по катастрофалниот скопски земјотрес ја обедини целата јавност. „Партизан” претставува позитивен пример за трајна заштита на јавниот простор, на спортски објект кој е во колективната меморија на скопјани, се вели во соопштението од Општина Карпош.