На Кипар по шест недели, мерките за ограничување се олеснeти.
„Јас сум навистина возбуден што дојдов на мојата плажа и пливам за првпат оваа година“, вели Евелдис, 39-годишен жител на модерното одморалиште Аја Напа.
Кипарската влада оваа недела дозволи пливање во морето за првпат од март, а на жителите им е дозволено да го напуштаат домот до три пати дневно, наместо еднаш како порано.
Кипар ги затвори училиштата на 11 март и забрани големи собири, ги прекина меѓународните летови на 21 март, а подоцна воведе и полициски час.
Мерките се чини дека успеале. Само 15 луѓе починаа на островот, а потврдени се 890 случаи на зараза.
„Франс pрес“ пишува дека Кипар е рангиран меѓу седумте членки на Европската Унија со најмал број на смртни случаи од Ковид-19 во однос на населението.
Кипар е исто така меѓу десетте земји во светот во однос на бројот на тестирани во однос на вкупното население, покажуваат податоците од веб-страницата на „Worldometer“.
Дури и ако Кипар успее да ја продолжи својата успешна борба против вирусот, ќе остане исклучително тешко да се отвори за остатокот од светот. Ова има големи импликации за туристичкиот сектор.
Една од идеите за кои размислува Кипар е да ги отворат аеродромите за земји кои се во иста фаза на пандемија како нив, а другата опција е да се тестираат туристите, или во земјата што ја напуштаат или по пристигнувањето.