Метаморфозис: ДКСK и граѓанските организации, ретки светла во тунелот на антикорупциските реформи

Работењето на новиот состав на Антикорупциската комисија, посветеноста на неколку организации од граѓанскиот сектор и перспективите од новиот Закон за јавно обвинителство, се единствените светли точки во реформските постигнувања на Северна Македонија во полето на антикорупцијата и борбата со оганизираниот криминал во текот на 2019 и почетокот на 2020 година.

Ова е главниот наод на истражувањето што во рамките на регионален проект за добро владеење го направи Фондацијата Метаморфозис во текот на април 2020 година.

– Огромниот број предмети со кои се соочува Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и соработката со граѓанскиот сектор, покажува дека сега таа е столбот во општеството, особено за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Но, и покрај позитивните резултати, веројатно добиени и поради исклучително транспарентниот и иновативен начин на кои беа избрани членовите на комисијата во Собранието, недостасуваат многу други елементи за нејзина уште поуспешна работа, соопштија од Фондацијата „Метаморфозис”.

Оттаму посочуваат дека Собранието не смогнало сили да ја усвои првата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси 2020-2024 година што беше изработена од страна на ДКСК, иако, како што велат, таа е клучен стратешки документ. Покрај тоа, додаваат, ДКСК се уште нема доволна поддршка во финансиски средства од државата за да ги пополни 30-ната слободни работни места неопходни да се засили нејзиниот административен капацитет, а унапредувањето на ИКТ поврзувањето со институциите се уште бавно се одвива.

На другите органи и институции надлежни за борба против корупцијата им остануваат исполнувањата на препораките од Четвртиот круг на евалуација од страна на ГРЕКО (Група на земји во Европа за борба против корупцијата), иако веќе се очекуваат до октомври 2020 и исполнување на препораките на Петтиот круг, кој се однесува на извршната власт, на полицијата и на јавното обвинителство, се наведува во истражувањето.

Забелешките, наведуваат од „Метаморфозис”, се големи и за извршната власт, посебно во делот на правилата за вработување на лица ангажирани врз основа на дискреционото право на функционерите за советници или помошници, забелешки и препораки има и за полицијата, од која се бара деполитизација на системот на командна структура, транспарентност при трошењето на буџетот и многу поефикасна и внатрешна и надворешна контрола, а забелешки и препораки се дадени и за Јавното обвинителство, особено за Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција.

– Истражувањето што можете да го прочитате на следниот линк, е изготвено согласно достапните податоци до крајот на април 2020 година. Тоа е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми”, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, информираат од „Метаморфозис”.

Треба да знаете
Последни објави