Од критична важност во јуни е да се донесе одлука за отпочнување на процесот на преговори, со отворањето на првите поглавја, вели поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере во интервју за МИА.
Дали пандемијата ќе го забави процесот на започнување на преговорите за членство во ЕУ?
Да, апсолутно, се наоѓаме во вонредна ситуацијата во која доминира справувањето со пандемијата од коронавирус и загрепскиот Самит ја нагласи потребата од солидарност помеѓу ЕУ и сите земји од Западниот Балкан. И требаше време на ЕУ да ја разбере потребата за солидарност, но мислам дека сега е јасно дека е потребна максимална поддршка за земјите од регионот.
Задоволни сте од исходот од загрепскиот Самит?
Не баш. Мислам дека е уште една пропуштена прилика затоа што сепак ЕУ донесе некои важни одлуки годинава за Западниот Балкан со одлуката за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија, ова можеше барем да биде споменато. Фактот што не беше споменато покажува колку прашањето за проширувањето колку е тоа чувствително во самите земји членки на ЕУ. Затоа ќе биде од критична важност Советот во јуни да одреди датум за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Другата важна одлука што е донесена одлука, и тоа барем беше споменато во загрепската Декларација, е назначувањето специјален претставник на ЕУ за Западниот Балкан, господинот Лајчак, тоа испраќа клучен сигнал за решеноста на ЕУ да вложи повеќе напор и даде поголема видливост на западниот Балкан.
Сметате дека во јуни е можно одредување на датум за првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија?
Витално е одлуката донесена во март да биде потврдена и да се постигне согласност за следниот чекор, одредување датум за старт на пристапните преговори. Многу време веќе се изгуби и пред коронавирусот минатата година, посебно со француското вето и сега справувањето со вирусот сите ги засега но тоа не треба да го одложи отпочнувањето на преговорите, и одредувањето датум ќе ги фокусира и ЕУ и земјите од Западниот Балкан на реформите што се и тоа како уште потребни. Северна Македонија знае многу добро што треба да направи.
Дали се согласувате со читањето на ЕУ дека Западниот Балкан останува приоритет и покрај пандемијата, бидејќи сепак се донесе одлуката за преговори, се одржа загрепскиот Самит, итн?
Да. Се надевам. Мислам дека е така затоа што немаше да ја донесат одлуката во март во сред кризата со коронавирусот ако сѐ уште постоеше двоумење околу тоа. Одлуката е донесена, а сега е важно таа да дојде до израз. Многу ќе зависи и од преговарачката рамка што ќе биде презентирана на почетокот на јуни, заедно со извештаите за земјите, но сето ова би требало да го забрза процесот и да потврди дека процесот на проширување е сѐ уште многу жив и дека има вистинска, многу конкретна перспектива за западниот Балкан.
Во однос на преговарачката рамка, како добар познавач на Европската Комисија што мислите дека ќе содржи?
Мислам дека ќе го следи моделот на другите пристапни модели, со додадените модификации што ги презентираше комесарот (новата методологија, нз.), така што мислам дека ќе има силен фокус на реформите за владеењето на правото, темелните права, борбата против корупцијата, кои секогаш биле слаби точки во преговарачкиот процес, и во смисла на недоволни реформи и во смисла на недоволни механизми за мониторинг за да се обезбеди ефикасна имплементација. Ова е дотолку поважно сега кога некои земји внатре во ЕУ, како Унгарија и Словенија, даваат многу лош пример во смисла на демократски процеси и почитување на темелните права и слободи.
Мислите дека новата методологија може да помогне во овој поглед?
Да, но мислам дека не е доволно. Треба да видиме имплементација на некои од препораките содржани во стратегијата на Европската Комисија од февруари 2018.
Може да биде попрецизен?
На пример иницијативите како онаа на Прибе, повеќе примери како праксата на Прибе со повеќе мониторинг на имплементацијата и во случај на назадување, да има мерки како санкции за да се спречи назадувањето на време. И сите области ќе треба да добијат ефикасни мониторинг механизми.
Кои се слабите точки на Северна Македонија во однос на реформите?
Жално е што повеќето случаи на висока корупција, злоупотреба на власт, не добија заклучок и уште има многу незавршена работа од ерата на Груевски, како и од насилството во Собранието, во многу области ветувањата за правда не се исполнети и мислам дека е разочарување за многу луѓе во земјата и ја нагласува потребата од зајакнување на механизмите на владеење на правото.
Северна Македонија сега функционира без парламентарен надзор откако беа одложени предвремените избори во април, што мислите за одржувањето избори во јуни или јули, со оглед на тоа дека на есен е можен нов бран на вирусот?
Мислам дека Северна Македонија мора по секоја цена да избегне да и се случи тоа што се случува во Полска каде власта се обидува да наметне избори во најлошиот можен период, треба многу внимателно да се подготват, изборите се секогаш тежок период и дефокусираат од реформските напори, техничката влада треба внимателно да размисли пред да донесе одлука кога да се одржат изборите во рамките на законските рамки. Земјата не треба да брза, иако сум свесен за роковите што треба да се почитуваат, но се надевам дека одлуката ќе биде плод на дијалог со сите политички партии и граѓанското општество и мислам дека претседателот даде добар пример веќе.
Кој е вашиот коментар за “спорот” со Бугарија и ризикот од блокада на преговорите поради ова?
Сметам дека ова е типичен пример на земја членка на ЕУ која треба да се сети кои се темелните вредности на Европската Унија. Денеска ја одбележуваме декларацијата на Шуман. Бугарија, како Грција, треба да го искористи своето членство во ЕУ за да ги промовира заедничките вредности и заедничкото наследство, наместо да се обидува да им наметне на соседите своја верзија на историјата. Северна Македонија веќе направи огромен напор да пружа рака кон соседите и сега е одговорност на Бугарија во овој случај да ги разгледа историските прашања, не во смисла на наметнување националност на хероите од минатото, туку во смисла на изнаоѓање заедничко наследство. Имаме прекрасен пример во мировниот процес во Северна Ирска, каде имате темелна вредност на заедничко наследство. Жална и бесмислена е оваа дебата за националноста на еден од големите херои на Балканот. Луѓето од надвор кои го читаат ова ќе видат дека на жалост на Балканот сѐ уште има области за кои треба да регионот да се довлече во 21 век.