Арнолд Шварценегер се најде на удар на критики затоа што употребил една од неговите познати филмски фрази при потпишувањето во книгата за посетители на меморијалниот центар Аушвиц.
Музејот сподели серија твитови за посетата на славниот актер, вклучувајќи ја и неговата порака во книгата за посетители – потпис заедно со позната фраза од „Терминатор“, I’ll be back („ќе се вратам“).
Ова резултираше во голем број критики на социјалните мрежи. Многумина коментираа дека иако не мислел ништо лошо, оваа фраза не е соодветна за ситуацијата и местото каде што се нашол, а неговиот потег е окарактеризиран како „невкусен“ и „непримерен“.
Актерот го посети музејот откако прими инаугуративна награда за борба против омраза, која што му ја додели фондацијата „Еврејски центар Аушвиц“ претходно оваа година.
По лавината реакции на цитирањето на „Терминатор“ во книгата за гости, музејот на Аушвиц на Твитер објави објаснување: „Оваа посета беше планирана да биде релативно кратка. Натписот требаше да биде еден вид ветување дека ќе се врати за уште една и подетална посета“.