Истополовата двојка од Окланд во Нов Зеланд, Кет Бучанан (33) и Тарин Куминг (31), се заедно веќе две години, а најголема желба им била да имаат заедно дете, пишува „Унилад“.
Затоа, и двете активно се обидувале да забременат.
Лекарот им рекол дека имаат проблем со плодноста и дека ако сакаат да имаат потомство, треба да почнат да работат на тоа што е можно побргу.
Кога решиле да го сторат тоа, на клиниката им рекле дека треба да чекаат две години на списокот за донори на сперма. Тие биле разочарани, па решиле да бараат донор преку „Фејсбук“.
На својот јутјуб-канал Кет и Тарин раскажале дека двете се обидуваат да забременат, а кога едната ќе успее, другата ќе престане да се обидува.
Меѓутоа, тие забремениле во исто време.
„Јас прва почнав да се обидувам во февруари. Тоа беше повеќе тест, да научиме малку повеќе за сето тоа. Две недели по мојот обид, Кет отиде на оплодување и сè помина одлично. Набргу дознавме дека е бремена. Но, една недела подоцна дознавме дека и јас сум бремена“, изјави Тарин за „Унилад“.
Пред да им ја соопшти среќната вест, докторот им рекол дека многу поверојатно е да добијат на лото отколку и двете да забременат во исто време.
Но, нивниот сон се остварил и двете се бремени од ист донор, што значи дека бебињата сепак ќе бидат биолошки поврзани.
Тарин се надева дека таа и Кет ќе се породат во исто време, само не во ист ден за да може да си бидат меѓусебна поддршка.