Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска во интервју за МИА вели дека бројот на невработени во март и април бележи зголемување што беше очекувано, но оти охрабруваат податоците за објавените слободни работни места од страна на работодавачите.
-Во извештајниот период и покрај вонредната состојба заради справување со кризата предизвикана од пандемијата со COVID 19, работодавачите огласуваа потреба од работници за различни занимања и дневно беа регистрирани помеѓу 4000 и 5000 слободни работни места, вели Јовановска и додава дека во Агенцијата за вработување, преку условите и поволностите што ги предвидуваат во активните програми и мерки за вработување, ги охрабруваат и поттикнуваат дури и лицата од неформалниот сектор да го формализираат своето работење.
Евиденцијата на Агенцијата за вработување покажува дека во земјава невработени лица се 114.762. До пред кризата предизвикана од коронавирусот таа бројка се намалуваше сега од март, заклучно со крајот на април има зголемување на бројот на невработени. Какви се вашите очекувања кога таа бројка повторно ќе почне да се намалува?
Бројот на невработените лица кои согласно законските прописи се евидентираат во Агенцијата за вработување, во изминатите месеци март и април бележи зголемување, што беше и очекувано, со оглед на целокупната состојба во светот предизвикана од пандемијата на вирусот COVID 19. За справување со кризата, Владата донесе пакет економски мерки со цел да се помогне на стопанството и да се сочуваат колку што може повеќе работните места на граѓаните. Во изминатите три години како резултат на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработување насочени кон отворање на нови работни места, вклучително и активните програми и мерки за вработување кои ги реализира Агенцијата за вработување, се забележа континуирано намалување на невработеноста, за што говорат и официјалните податоци од Државниот завод за статистика. Се надевам дека во најскоро време ќе се стабилизира целокупната состојба и ќе се вратат во нормален тек сите активности, што ќе придонесе до раздвижување на пазарот на трудот и со тоа и намалување на бројот на невработените лица.
Според податоците што ги објавивте во периодот на кризата од 11 март до 30 април годинава без работа останаа 8160 лица. Дали сметате дека тоа е реалната слика или има поголем дел што биле во неформалната економија?
Агенцијата за вработување редовно месечно објавува податоци за бројот на невработени лица кои се пријавиле во Агенцијата како баратели на работа и истите се достапни и на нашата веб-страна. Меѓу другите податоци поврзани со бројот на невработени лица, Агенцијата објавува и податок за прилив и одлив на лица во и од евиденцијата на невработени, односно податоци за лица кои се стекнале со статус на невработени лица во извештајниот период и податоци за лица кои престанале да се водат во евиденцијата на невработени лица во истиот период. Во периодот од 11.03 – 30.04.2020 година, во Агенцијата за вработување, по основ на прилив од работен однос, евидентирани се 8160 невработени лица, што значи дека податокот се однесува на лица кои се стекнале со статус на невработени, а претходно биле во формално-правен работен однос. Во Агенцијата за вработување, преку условите и поволностите што ги предвидуваме во активните програми и мерки за вработување, ги охрабруваме и поттикнуваме дури и лицата од неформалниот сектор да го формализираат своето работење.
Токму програмата за самовработување со грант од 307.500 денари за основање правен субјект од невработено лице или 615.000 денари доколку се основа правен субјект од два содружника, во изминатите години успешно се реализираше со голем интерес од страна на невработените лица и оние лица кои беа дел од неформалната економија. Оваа година, 1929 лица аплицираа за оваа програма пред воведување на вонредната состојба поради корона вирусот, и во најскоро време очекуваме во соработка со нашите партнери во имплементација на оваа програма, УНДП, УНОПС и други, да продолжиме со имплементација и одржување на обуки за претприемништво.
Од она што се споделува во јавноста најпогодени беа секторите туризам, угостителство и дел трговија, но во вашите податоци е наведено дека голем дел од отпуштените се од преработувачката индустрија. На што се должи тоа?
Според податоците на Агенцијата за вработување, најголем дел од приливот на невработени лица од работен однос е од преработувачката индустрија или 34 отсто, а потоа се од дејноста трговија на големо и трговија на мало со 21 отсто и од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 15 отсто. Владата донесе уредби за користење на финансиска подршка и како и Уредби за олеснителнување на условите за користење на мерките од страна на работодавачите од угостителството. Во тек се анализи што ги спроведуваат домашни и меѓународни институции кои ги утврдуваат причините за тоа, од кои очекуваме да произлезат и конкретни мерки и активности за надминување на состојбата и ублажување на последиците.
Актуелно во ситуацијава беше и правото на паричен надоместок на невработено лица кое било во работен однос. Колку им е познато на граѓаните за ова право и колку го користат?
Правото на паричен надоместок во случај на невработеност е уредено со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, каде се утврдени и условите за остварување на ова право. Покрај условот за минимум времетраење на работниот однос од најмалку 9 месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци пред престанокот на работниот однос, другиот критериум се однесува на основот на престанок на работниот однос. Во член 67 од законот се наведени основите на престанок на работен однос кои влијаат на остварување на правото на паричен надоместок, односно поради кои невработеното лице не може да го оствари ова право. Така, на пример, за работен однос на определено време, невработеното лице може да оствари право на паричен надоместок доколку престанокот на работниот однос е поради истек на времетраењето за кое е склучен договор за вработување, додека пак за работен однос на неопределено време невработеното лице може да оствари право на паричен надоместок доколку престанокот на работниот однос е поради деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени). Ова под услов да се исполнети и другите критериуми утврдени со законот.Повеќе информации за правото на паричен надоместок има и на нашата веб-страна, со цел запознавање на сите заинтересирани граѓани.
Во изминатиот период од 11.03 – 30.04.2020 година, во Агенцијата за вработување се поднесени приближно 3900 барања за остварување на право на паричен надоместок во случај на невработеност, од кои досега позитивно се решени 1800 барања, 100 барања се одбиени поради неисполнување на условите за остварување на ова право, а во тек е обработка на останатите барања. Бројот на евидентирани невработени лица кои се корисници на право на паричен надоместок исто така, редовно се објавува на нашата веб-страна.
Дали сметате дека мерките на Владата ќе дадат резултат за да се запре трендот на зголемување на невработеноста и отпуштање на работници?
Во моментов мошне се значајни економските мерки што Владата ги презема за зачувување на работните места. Мерката 14.500 денари по вработен е финансиска поддршка, која за фирмите што се засегнати од кризата предизвикана од коронавирусот претставува помош за нивната ликвидност и за исплата на плати. Компаниите може да ја искористат мерката за да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосните или најголемиот дел од трошоците за исплата на плати на работниците кои, поради кризата, не се на работа, но воедно може да користат и комбинација од мерката за поддршка за исплата на минимална плата и мерката за субвенција на придонеси за поголема плата.
Охрабрува фактот што во изминатиов период голем дел од приватните работодавачи, особено во угостителската дејност, јавно истакнуваа дека нема да отпуштат ниеден вработен и дека ќе изнајдат начини за заедно да ја пребродат оваа криза. Исто така, треба да се истакнат и економските мерки како што се парична помош за домаќинствата и за лицата кои биле дел од неформалната економија и останале без приходи, грижата за спортистите и уметниците, одложувањето на кредитите кај банките за физичките и правните лица, како и можноста за дополнителни бескаматни кредити за микро, малите и средните претпријатија преку Развојната банка на Република Северна Македонија и други мерки што се преземаат за ублажување на последиците од кризата поради коронавирусот. Верувам дека сите мерки што се преземаат влијаат и ќе влијаат за спречување на значаен пораст на невработеноста во државата.
Во овој период од големо значење е и поддршката од нашите меѓународни партнери. Во таа смисла, во тек се анализи за влијанието на пандемијата од КОВИД-19 врз пазарот на трудот, кои се спроведуваат од страна на Меѓународната организација на трудот; Европската комисија преку нови ИПА проекти доделува дополнителни средства за активни програми и мерки за вработување; дел од активните мерки што се имплементираат и финансираат преку проекти на Швајцарската амбасада и УНДП се прилагодуваат на новонастанатата состојба и сл.
И во овие услови податоците покажуваат дека има и нововработени лица. Бројката е околу 1500. Дали таа бројка на нововработени ќе се зголемува и што покажуваат анкетите на работодавачите за слободни работни места?
Како што и претходно споменав, Агенцијата за вработување објавува податок за приливот и одливот на лица во и од евиденцијата на невработени. Во периодот од 11.03 – 30.04.2020 година од евиденцијата на невработени лица престанале да се водат 1886 лица, поради заснован работен однос. Станува збор за број на лица за кои е регистрирана пријава во задолжително социјално осигурување, а претходно биле евидентирани како невработени лица. Од друга страна, Агенцијата за вработување води и евиденција на регистрирани пријави во задолжително социјално осигурување за лица кои не биле евидентирани во евиденцијата на невработени и тој број е значително поголем. Охрабруваат и податоците за објавените слободни работни места од страна на работодавачите, кои и во извештајниот период и покрај вонредната состојба заради справување со кризата предизвикана од пандемијата со COVID 19, огласуваа потреба од работници за различни занимања и дневно беа регистрирани помеѓу 4000 и 5000 слободни работни места. Огласените слободни работни места од страна на работодавачите се објавуваат и постојано се ажурираат на веб-страната на Агенцијата за вработување. Во моментот, врз основа на доставените пријави за потреба од работник, објавени се речиси 8 000 слободни работни места од страна на приближно 900 работодавачи.
Дали се поместува јазот што постои помеѓу понудата и побарувачката и дали даваат резултат обуките што ги спроведувате за преквалификации. Ова со оглед на тоа што Вашите податоци покажуваат дека имаме дури 60.306 без образование и со основно образование.
Неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот, која постои со години наназад, претставува главен предизвик на политиките за вработување на Владата и во таа насока во изминатиот период се превземаат низа активности за намалување на истата. Новите техничко- технолошки промени и динамичниот развој на пазарот на труд, креираат работни места за кои се потребни нови знаења и вештини, кои не секогаш можат да се стекнат во процесот на формалното образование. Затоа е неoпходно поврзување на процесот на формалното и неформалното образование, се со цел задоволување на потребите на пазарот на трудот. Од тие причини, невработените лица се насочуваат да се вклучат во обуки за стекнување на дополнителни знаења и вештини, а работодавачите се мотивираат да организираат обуки, во своите работни простори, со нивна опрема и технологија како би ги обучиле потенцијалните кандидати за вработување согласно своите потреби.
Активностите на Агенцијата за вработување се насочени кон поуспешно поврзување на понудата и побарувачката на работната сила, преку зголемување на капацитетите за вработување на невработените лица, со цел нивна успешна интеграција на пазарот на трудот. Членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ ќе значи стабилен пазар и отворање на нови странски инвестиции во Република Северна Македонија. Од тие причини од големo значење ќе биде и искуството на другите земји од регионот и пошироко во размената на добри практики за надминување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на работната сила, пред се преку реформи во образовниот систем и креирање на нови политики за поттикнување на вработувањето во државата.
Како се спроведуваат програмите за вработување и какви резултати очекувате годинава?
Агенцијата за вработување продолжува да ги спроведува програмите и мерките за вработување што се дефинирани во Оперативниот план за 2020 година. Во изминатите денови беа склучени договори за спроведување на мерките Субвенционирање на плати, при што беа потпишани договори со 713 правни субјекти за вработување на 941 лице, понатаму мерката Вработување и раст на правни субјекти, каде се потпишаа договори со 174 правни субјекти за вработување на 247 лица, како и програмата Практиканство, каде беа потпишани договори со 481 правен субјект за 548 практиканти.
Продолжува и понатаму потпишувањето договори со останатите апликанти за овие мерки. Во однос на обуките на невработените лица, ги почитуваме насоките на Владата за спречување на ширење на вирусот COVID 19, па од тие причини истите ќе започнат со реализација по завршувањето на кризата. Но, од друга страна, обуките за кои постои можност да се спроведуваат online, истите непречено се реализираат.
Воедно, Агенцијата за вработување продолжува со реализација на услугата за посредување при вработување, при што на барање на работодавачите од приватниот сектор, центарот за вработување врши пребарување во евиденцијата на невработените лица и ги упатува на разговор за вработување најсоодветните кандидати. И во наредниот период Агенцијата за вработување ќе продолжи да ги спроведува своите активности согласно условите во кои се наоѓаме, имплементирајќи ги мерките на Владата за надминување на кризата и притоа водејќи сметка за потребите и барањата на невработените лица и работодавачите. Верувам дека со најавените нови олеснителни мерки за заштита од COVID 19, во најскоро време ќе се стабилизира целокупната состојба и ќе се вратат во нормален тек активностите, што ќе ни овозможи навремено и целосно да ги спроведеме планираните активни програми и мерки за вработување за 2020 година.