Белата куќа почна неформални разговори со републиканците и демократите во американскиот Конгрес за следните чекори за олеснување на мерките во борбата против коорнавирусот, тврдат американски официјални претставници.
Тие, сепак, забележуваат дека новиот прилив на федерални пари ќе пристигне под одредени услови.
Министерот за финансии, Стивен Мнучин, за „Фокс њуз” изјави дека разговарал со членовите на двете партии за да види кои буџетски ставки најмногу загрижуваат.
Тој додаде дека Белата куќа не брза со новиот пакет помош.
-Ќе почекаме до следните неколку недели, рече Мнунчин, а пренесе Гласот на Америка.
На почетокот на март,американскиот Конгрес усвои пакет со помош во износ од три трилиони долари за борба против коронавирусот, давајќи им ги парите на даночните обврзници на поединци и компании за надминување на економскиот пад, во кој во април дури 14,7 проценти од работниците ги загубија своите работни места.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека нема да одвои средства за борба против коронавирусот на сојузните држави кои ја ограничуваат соработката со федералните имиграциски сили.
Советниците на Белата куќа на Трамп изјавија дека овој месец не размислуваат за нова програма за помош.
Демократите, пак, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом, сакаат уште оваа недела да се гласа за новиот пакет помош за локалните и државните власти, поштата и тестирањето.