Актерот Џери Стилер, најпознат по неговите улоги во сериите „Сејнфелд“ и „Кралот на Квинс“, почина на 93-годишна возраст.
Неговиот син, актерот Бен Стилер, ја потврди смртта на неговиот татко и рече дека била природна.
„Со тага објавувам дека татко ми, Џери Стилер, почина од природна смрт. Тој беше прекрасен татко и дедо и посветен сопруг на неговата сопруга Ен дури 62 години. Многу ќе ни недостасува. Те сакам тато”, напиша Бен на „Твитер“.
Сопругата на Џери Стилер, актерката и комичарка Ен Меара, починала во 2015 година на 86-годишна возраст. Покрај Бен, тие имаат и ќерка, Ејми, која исто така е актерка.
На почетокот на кариерата, тој и Ен формираа многу успешно комично дуо, познато како Силер и Меара, кое дејствуваше во 60-тите и 70-тите години. Тие најпрво се појавија во шоуто на Ед Саливан, а потоа имаа свој сит-ком.
Најпознатата улога на Џери Стилер е без сомнение онаа на Френк Костанза, таткото на Џорџ Костанза во серијата „Сејнфелд“ на „Ен-би-си“.