Несторовиќ: За оние што не се во ризичната категорија, пандемијата помина

Српскиот пулмолог Бранимир Несторовиќ вели дека повеќе не е неопходно највисоко ниво на внимателност поради пандемијата на коронавирусот, како и дека не верува оти вакцината против Ковид-19 ќе биде направена.

„За сите што не се во ризична категорија, може да се каже дека пандемијата за нив е готова, а за постарите – тие може уште да внимаваат. Колку долго, не знам, можеби до крајот на мај. Може да носат маска на затворено. Надвор, ако се шетаат сами, не им треба маска и заштитна опремаж затоа што ултравиолетовите зраци се убиствени за овој вирус, тоа сега јасно се покажа“, рекол Несторовиќ за ТВ „Панчево“, пренесува „Б92“.

Тој навел дека коронавирусот може да се лекува со светлина и дека сега е важно да се сончаме.

„За ризичните групи потребно е уште малку внимателност, уште две-три недели. За сите други – треба да ги почитуваат мерките, но и не мора. Сега ќе ви кажам зошто не мора – сега е фазата на индивидуална одговорност. Ова не е оној вирус од почетокот, неспоредливо е послаб, нема тешки пациенти на респиратори. Во оваа фаза секој има право да избере што да прави“, рекол пулмологот.

Тој кажал дека сега имаме право да избереме дали ќе се заразиме.

Смета дека вакцината тешко ќе биде направена затоа што вирусот се менува.

Ги советува постарите да се занимаваат со градинарство затоа што оваа активност смирува.

Се осврнал и на луѓето што не работеле два месеца, како фризерските салони.

„Вработените во државниот сектор земаат плата, а некој што има фризерски салон, седел дома и морал да плаќа даноци. Не можеме повеќе да чекаме, шансата да се разболите е 0,01 отсто“, рекол тој.

„Пандемијата помина, сега е време да се свртиме кон животот“, истакнал Несторовиќ.

Тој рекол и дека молитвата е лековита.

„Свештениците се молеле за една група луѓе што биле болни. Не знаеле ништо за нив, само имиња и дијагноза. На крајот, 40 отсто од нив се излекувале“, рекол Несторовиќ.

Од друга страна, пак, епидемиологот Братислав Тиодоровиќ вели дека граѓаните премногу се опуштиле и дека епидемиолошката ситуација и понатаму е несигурна.

„Може да се оцени дека епидемиолошката ситуација и понатаму е несигурна затоа што вирусот е присутен и понатаму имаме локална трансмисија, односно можност луѓето да се разболат“, навел тој и додал дека оценката оти вирусот ослабел е погрешна, пренесува „Новости“.

Тиодоровиќ рекол дека вирусот сега е помалку присутен затоа што има далеку помалку луѓе што може да го пренесат.

Треба да знаете
Последни објави