Проектот за подобрување на комуналната инфраструктура во Битола е со вредност од преку 1 милион евра и опфаќа изградба и реконструкција на водоводи и канализации на улиците „Илинденска“, „Партизанска“ и „АСНОМ“.
Министерот Сугарески истакна дека работите на терен напредуваат и се очекува проектот да биде завршен до март следната година.
„Тоа што го ветивме пред граѓаните, одговорно го исполнуваме. Континуирано и посветено работиме на подобрување на условите за живот во сите населени места и секој ден сме се поблиску до остварување на нашата цел за унапредување на целокупната инфраструктура во државата. Реализацијата на капиталните проекти се одвива со добар интензитет и се ноаѓаме сред силна градежна сезона. Проектот за подобрување на комуналната мрежа во Битола е од круцијално значење за жителите на градот, па покрај овој проект до крајот на месец мај или почеток на јуни, планираме да објавиме тендер за покривање, санација, реконструкција и дислокација на каналот на сливни води крај стадионот до Буковски гробишта, со што веќе во август би започнале градежните работи.
Во однос на патната инфраструктура, сакам да истакнам дека завршува рехабилитацијата на стариот пат Прилеп-Битола, работиме на изградба на заштитната ограда на обиколницата на Битола, а во тек е изработка на проектна документација за изградба на експресен пат Битола–Меџитлија која треба да биде завршена до крајот на август. Исто така кон почетокот на јуни ќе бидат објавени тендери за рехабилитација на патните правци Битола – Демир Хисар и Битола – Меџитлија, а преку програмата на ЈП Македонија пат ќе се рехабилитираат уште 5 патишта во Битола, Могила и околината“, изјави министерот за транспорт и врски.
Сугарески додаде дека веќе се реализирани околу 90% од изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Битола, кој се очекува наскоро да биде комплетно завршен.
Градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска нагласи дека општината има обезбедено средства за непречено изведување на градежните активности и реализација на проектите кои се од особено значење за развој на економијата.
„Поддршката на градежните активности значи и поддршка на економијата. Со целокупниот проект, вреден преку 1 милион евра, кој вклучува изградба и реконструкција на комуналната линија и коловозот, ќе се создадат подобри услови за живот на граѓаните, а и значително ќе се олесни сообраќајот. Исто така, сакам да истакнам дека ова е само почеток на силни градежни активности, нè очекуваат голем број на проекти кои ќе се реализираат во текот на оваа година, а за сите нив веќе се обезбедени потребните финансиски средства. Со еден збор, тоа што го ветивме, го исполнуваме“, изјави градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.