Николоски: Признанието на Станишев дека Бугарија е национално заинтересирана за победа на Зоран Заев покажува дека Заев ќе тргува со македонскиот јазик

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

 

„Кичмата по кој Зоран Заев е познат станува за жал посакуван елемент за нашите соседи. Мораме да бидеме свесни за оваа ситуација која за жал се соочува Македонија.

Европската агенда на Република Македонија според најавите кои ги добиваме од нашиот источен сосед е замрзната. Напредокот кон ЕУ зависи од дополнителни услови за кој мораме да бидеме свесни дека меѓу другото се последица на недостатоците и молкот од македонската дипломатија.

Со Зоран Заев не се надминуваат пречките, туку летвичката постојано се зголемува со нови барања и услови. Најновата изјава на претседателот на европските социјалисти Сергеј Станишев дека цитирам: „најдобро за Бугарија е СДСМ и Заев да се на власт“, а  тој уште додава дека Бугарија е национално заинтересирана за победа на Зоран Заев и социјалдемократите на претстојните избори најдобро го отсликува ова. Но, проблемот не е што најдоброто за Станишев и Бугарија, туку што е најдобро за Македонија а за жал, она што е најдобро за Бугарија во моментот е најлошо за Македонија и за нејзините национални интереси.

Како што кажав мораме да бидеме свесни и да признаеме дека ова со што се соочува Македонија е резултат на недостаток на нејзините институции. Всушност она што Станишев сака да ни го каже е дека Зоран Заев е посакуван поради неговото виткање на кичмата и прочуена лукративност.

Тука уште повеќе се засилуваат сомнежите дека поради оваа политика на попустливост кон Бугарија стои и некаков друг директен интерес или можеби уцена кон Зоран Заев. Интерес или уцена заради кои што е спремен да го предаде македонскиот јазик.

Втора грижа е што деновиве имаме бројни изјави на највисоки државни претставници од Бугарија – премиер, министер за надворешни и министер за одбрана. Овие изјави се насочени кон директно негирање на македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската држава.

Сериозна држава веќе ќе реагираше по официјални канали со испраќање на протестна нота за негирањето на македонскиот  јазик, македонската култура и историја. Таа протестна нота треба да биде проследена со аргументирани и научно базирани факти кои што се на наша страна и истите научно подржани факти треба да се испратат до сите министри за надворешни работи, како и шефови на држави и влади на земји членки на ЕУ како и на највисоките претставници на ЕУ.

Но, што работи македонското МНР, што работи Димитров, Спасовски и Заев? Едно големо ништо! Додека Бугарија ја гради својата позиција врз основа на комбинација од политика, димпломатија и наука, Македонија не прави ништо! Додека Бугарија ги ангажира најголемите умови, кремот на бугарското општество, составуваат документи кои што и самите знаат дека не се точни за негирање на македонскиот јазик, македонската држава и власта на Заев за жал не прават ништо.

Овој однос ќе има трајни несогледливи последици врз македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската држава! Вистински скандал е што Димитров како шеф на МНР, Спасовски како премиер на техничката влада досега немаат ниту една официјална реакција, ниту допис или демант кон негаторските ставови на Бугарија и бугарската држава. Тоа значи две работи, или се согласуваат со она што е изјавено или има некоја друга позадина.

Поради лични интереси, а на штета на државните интереси и европската агенда не реагираат и сакаат овој проблем да се стави под тепих и да се збори.

Кој чекор Владата на Македонија го презема досега имајќи предвид дека имаме скоро блокирани или еве да се изразам подиректно уценети европски интеграции? Имаме уште еден пораз во однос на европската агенда, а владата наместо да преземе дипломатска офанзива со сите средства и контакти кои што нашите лица ги имаат ништо не прави. Немаат кренато ниту слушалка на било кого да им објаснат во каква позиција е Македонија, да не зборувам за поголема стратегија. Значи, додека на една страна имаме комбинација како што кажав на политика, дипломатија и наука, на другата страна имаме едно големо ништо.

А прашање е и што прави МАНУ во целиов овој случај и период имајќи предвид дека Бугарската академија на науките е исклучително активна  и ги штити националните интереси на Бугарија? Што прави МАНУ? Дали воопшто е ангажирана во овој период?

За вака едно комплексно прашање потребен е државен консензус. Не може да дозволиме за вака сензитивно прашање да не се презема ништо и владата и Заев да молчи за овој проблем. Затоа уште еднаш повикуваме ова прашање по однос на условувањето од Бугарија, како и кочењето на европските интеграцијата на Македонија сериозно да биде разгледано на  утрешната лидерска средба. Повикуваме на истата да се изгради заеднички и усогласена позиција по однос на евроинтеграцијата на Македонија  и условувањата кои што Бугарија ги поставува на Македонија, а исто така да се постигне заеднички договор за почеток на изработка на заедничко усогласена национална стратегија за државна безбедност, како и за надворешна политика кои што ќе бидат основа на дејствувањето на секој министер за надворешни работи, одбрана, внатрешни работи и на двете безбедносни агенции.

Се надеваме дека оваа подадена рака ќе биде прифатена и утре на лидерската средба на која што ќе се разговара за многу значајни работи, ќе се разговара и за  оваа работа и се надеваме дека Заев и Пендаровски ќе се согласат да оваа точка биде на дневен ред и заеднички изградиме позиција по однос на овие прашања, на тој начин ќе покажат дека немаат скриени агенди. Доколку решат да останат на ставот кој што го имаа денес дека за ова нема да се разговара директно потврдуваат дека имаат скриени агенди и работата за туѓи интереси или се под уцена.

Треба да знаете
Последни објави