Велика Британија објави план од три чекори за заздравување од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус.
Според британската влада, првото олеснување на мерките почнува в среда, по што ќе следат понатамошните фази од 1 јуни и 4 јули, во зависност од епидемиолошката состојба во земјата.
Три чекори
Фаза 1: Од среда, на граѓаните ќе им биде дозволено да го напуштат домот за рекреација и забава со членовите на нивното домаќинство, а дозволено е секој да се сретне со само уште едно лице надвор од домаќинството. Вработените кои не можат да работат од дома, можат да патуваат на работа, во идеален случај со автомобил, наместо со јавен превоз.
Фаза 2: Велика Британија има намера да дозволи отворање на сите продавници од 1 јуни со задолжително почитување на социјалното дистанцирање. Од тој датум, би можеле да се отворат некои училишта во кои престојуваат поголем број деца.
Фаза 3: По 4 јули, доколку нема значителен пораст на нови случаи, можно е да се отворат сите компании во Велика Британија.
„Точниот распоред на ублажување на мерките ќе зависи од ризикот од инфекцијата и ефективноста на владините мерки, како што се лоцирање на контактите и спречување на ширење на пандемијата. Првично, интервалот помеѓу чекорите ќе трае неколку недели за да се овозможи доволно време за да се следат случувањата“, соопшти владата.
Премиерот Борис Џонсон денеска ќе ги објави деталите за планот за рестартирање на економијата, откако претходно вчера претстави конфузен нацрт на тој план.
Обраќајќи се до нацијата, Џонсон вчера рече дека карантинот нема да се укине, но охрабрува дел од населението да се врати на работа, иако премиерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска ги повикаа граѓаните да се придржуваат кон постојните одредби да не излегуваат од дома.
„Не е време едноставно само да го укинеме карантинот“, рече Џонсон во неделата вечерта.
„Оние кои не можат да работат од дома, како што се градежните и фабричките работници, треба активно да бидат охрабрени да се вратат на работа“, додаде тој.
Џонсон рече дека физичката активност ќе биде дозволена, некои фабрички работници ќе можат да се вратат на работа, додека училиштата делумно ќе се отворат во јуни.
Владата ќе објави 50 страници детални упатства. Министерот за надворешни работи, Доминик Рааб, рече дека некои работници би можеле да се вратат на работа в среда.
Обидот на Џонсон да ги претстави насоките за ублажување на мерките предизвика несогласување помеѓу конститутивните делови на Велика Британија и критики од опозициските партии, кои тврдат дека упатствата се збунувачки за јавноста.
Пораката на Џонсон ја исмејуваше комичарот Мет Лукас во кратко видео објавено на Твитер.
„Значи, ви велиме да не одите на работа, да одите на работа, да не одете со јавен превоз, одете на работа, не одете на работа“, рече Лукас во видеото што заработи повеќе од 100.000 лајкови.
„Ако можете да работите од дома, одете на работа“.