Владимир Путин, објави дека карантинот кој важеше за целата земја поради пандемијата на коронавирус ќе биде укинат од утре и покрај тоа што расте бројот на заразени.
Главниот град Москва и околниот регион, каде се регистрирани повеќето од заразените, остануваат во карантин до крајот на овој месец.
„Почнувајќи од утре, 12 мај, националниот период на неработни денови заврши. Но, битката против оваа епидемија сè уште не е завршена“, рече Путин во јавното обраќање што се емитуваше на државната телевизија.
Регионалните власти сами ќе решат дали да ги прошират мерките за карантин на локално ниво.
Путин истакна дека брзиот раст на бројот на заразени е главно резултат на повисоката стапка на тестирање. На почетокот на епидемијата, Русија спроведувала 2.500 тестови на ден, а сега спроведува 170.000, вели Путин. Планирано е двојно да се зголеми тој број до следниот месец.
Во Русија, според официјалните податоци објавени денес, заразени се нешто повеќе од 221.000 луѓе, со што земјата се наоѓа на четвртото место во светот, веднаш зад Велика Британија. Повеќето заразени се во САД и Шпанија.
Бројот на заразени во Русија нагло се зголеми во последните месец и половина. Во текот на минатата недела секојдневно беа регистрирани над 10.000 новозаразени. Досега починаа нешто повеќе од 2.000 луѓе.
Речиси половина од заразените се од Москва. До денес, имало околу 115.000 заразени.
Градоначалникот Сергеј Собјанин минатата недела изјави дека вистинскиот број на заразени во градот е веројатно три пати поголем. Сепак, тој дозволи некои индустрии и градежниот сектор да започнат со работа утре, со задолжително носење маски и раквици.
Премиерот на Русија ги критикуваше работодавците за удвојување на стапката на невработеност уште од почетокот на епидемијата, додавајќи дека требало да ги чуваат работниците. Економската активност во Русија опадна за повеќе од една третина од воведувањето на мерките за изолација, според владината статистика објавена минатата недела.
Русија има население од околу 145 милиони и досега спроведе повеќе од 5,6 милиони тестови на коронавирус.
Соседите на Русија – Украина и Грузија почнаа со олеснување на ограничувањата, а Казахстан ја укина вонредната состојба.